Речиси 2.000 војници учествуваа на вежбата „Тракија 26“ во Бугарија
На полигонот „Ново Село“ во Бугарија заврши вежбата „Тракија 26“, на која се проверуваше способноста на мултинационалната борбена група на НАТО да прерасне во бригада и да командува со три баталјонски борбени групи – бугарска, грчка и италијанска, јавува Армимедија. На вежбата учествуваа речиси 2.000 војници со над 250 единици борбена и воздухопловна техника.
Според потполковникот Ангел Чепанов, заменик-командант на мултинационалната борбена група на НАТО во Бугарија, вежбата се одржала под раководство на бригадата „Гарибалди“. Тој посочи дека целта била да се увежба заедничкото дејствување на сојузничките сили и да се провери нивната подготвеност за распоредување на бригадата доколку има потреба.
Во завршната демонстрација, копнените сили увежбуваа одбрана и противнапад со поддршка од бугарското воено воздухопловство и сојузничката авијација. Беа прикажани и системи за заштита на возилата од дронови, како и беспилотно копнено возило за евакуација на ранети.
„За мене оваа вежба е голема можност да ја подобрам професионалната подготовка, да стекнам поголема самодоверба и да ги развијам вештините за работа во мултинационална средина“, изјави постарата поручничка Михаела Колева, командирка на механизиран вод во 29. механизиран баталјон.
