“Делете ја, парчете ја, само да сме си на власт… И да си го цедиме Буџетот”
Став на Ивон Величковски
Ова е понудата на дел од политичарите и “експертите” – Македонци од 1990-тите лансирана низ медиумите овие два-три месеци. Со дух на СРМ, желни за статус кво-то на ПЈРМ, оневозможени низ НАТО-вска РСМ, излишни во европска Македонија.
За нив санкционирањето на високата корупција е исто застрашувачко како и промената на капиталната основа на земјата – од етнички-ексклузивна во евро-компатибилна. Само гледајте кој и за кого сега лее “крокодилски солзи”.
Откако не ја запреа интеграцијата во НАТО, ова за нив е последна шанса да го запрат суштинското трансформирање на Македонија.
Имено, трансформацијата на нашата одбрана и безбедност започна со модернизацијата на Армијата. Секако, се формализираше со зачленувањето во Алијансата.
Но суштинските ефекти станаа очигледни дури кога се виде кои и колку политички, одбранбени и безбедносни “кадри” на Скопје останаа без НАТО-безбедносни сертификати: “Опеваните” во медиумите во Скопје за Брисел беа добри само за фотографирање пред фоајеа и знамиња. И по McDonald’s.
Истите ликови и групации по партии сега итаат кон последното уточиште – спречување на интеграцијата во Македонија и на Македонија во ЕУ. Глумејќи партиски несогласувања.
Ви текнува на хитот “Магаре да е, ама наш да е” од прислушуваните разговори?
Во 2015 се мислеше дека поентата била пристапот до власта да им припаѓа “само на вмро-вците” и, преку “преку нив на Македонците”.
Денес е јасно: “Наш” и тогаш и сега значи “Да му припаѓа на системот” кој ќе сертифицира кој може да биде “добар” Македонец (Албанец, Турчин, Србин…) Ако не му се допаѓа, пасош во рака и билет во еден правец – “на гурбет”.
Така преку партиите, пробуваа да останат поголеми од институциите.
Оти оспособи ли Републиката институции кои се водат по закон и обезбедуваат владеење на правото – дојде крајот за власта на партиите и нивните сопственици – олигархиите. Односно на…:
Системот на две Македонии – една до и една отаде Групчин, кои мора остро и контролирано да се разграничуваат по линијата Река – Скопје и Куманово – Повардарие. Затоа и 1991 и 2001 и 2023, нивната цел е
Неинтеграција по цена на дезинтеграција
Со Рамковниот пропадна идејата за “Република Македонска” што на Белград требаше да му го компензира Косово.
Старо Скопје и денес го нуди истото.
И повторно сака да се факторизира како trouble maker и безбедносна закана.
Но простор за Додик има се помалку во БиХ, а за негова копија во НАТО-вска Македонија – нема воопшто.
Задржувањето на економскиот, финанискиот и монополот на моќта на оваа структура – макар и само во дел од замислената “кипарска” Македонија – е презрен проект.
Оттука, “драмите” на нејзините партии/(екс)раководства/ренегати/медиуми/ботови… се – предвидливи.
А според нервозата и развиканоста – и пресретнати.
Наша задача е да им го поразиме проектот. За наше добро. И особено за доброто на нас, Македонците.
Оти ова ни е одложеното соочување со фактот дека имаме сопствена држава, сопствена Република кон која сите имаме обврски. И права. А не како до сега – за нас обврските, за нив привилегиите.

