ПОЧНА СРЕДБАТА ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО СОФИЈА

Вести Истакнато Свет

Започна средбата ЕУ-Западен Балкан во Софија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов е домаќин на состанокот, што е најголем настан во рамките на бугарското Претседателство на Советот на ЕУ. Главна тема на средбата е европската перспектива и поврзаноста на земјите од Западен Балкан. Премиерот официјално ги поздрави шефовите на држави и влади, кои ќе земат учество на средбата. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, ќе ја раководи средбата, заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер. На Форумот, исто така, ќе присуствуваат високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и разговорите за проширување Јоханес Хан и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани. Главните теми на дискусиите се поврзани со транспортот, енергијата, дигиталната инфраструктура и образованието. Целта е да се подобрат односите меѓу Западен Балкан и ЕУ, како и меѓу земјите од регионот. По пленарните сесии во 15.00, Бојко Борисов, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер ќе одржат заедничка прес-конференција.