ГЛИГОРОВА: НА ОВИЕ ИЗБОРИ ЌЕ СЕ ИЗМЕШААТ НИСКИ СТРАСТИ И СВЕСНОСТ, СЕ НАДЕВАМ ДЕКА СВЕСНОСТА ЌЕ ПОБЕДИ

Сабота, недела и празници да бидат неработни денови со закон, да се престане со договорите на дело и да се примени решението за работен однос на неопределено време. Овие работнички права се во фокусот на коалицијата Движење на слободни граѓани и ГДУ, чиј претставник е истакнатата граѓанска активистка, Ана Глигорова. Таа е една од неколкуте жени, носители на изборните листи на парламентарните избори, но во интервју за 24 Инфо вели дека жената во Македонија не е доволно застапена во политиката, во контекст на решавање на круцијални прашања. Според неа, високата политика често произведува ниски страсти и тоа е голем проблем, за кој мисли дека ќе се преброди со силни социјални мерки.

Карактеристично е што годинава има неколку жени носители на изборните листи, Вие сте една од нив. Зад другите кандидатки стојат големи партиски машинерии, некои имаат повеќе, други помалку политичко искуство. Вас во јавноста ве препознаваат како долгогодишен борец за социјалните и другите права на граѓаните. Дали тоа ќе биде доволно да освоите гласови за да влезете во Собранието?

Сметам дека граѓаните ќе ја препознаат нашата искрена борба сите овие години наназад и дека ќе гласаат за нас. Концентрирани сме на одблокирање на над 200.000 транасакциски сметки на граѓаните, на отворање на овој голем проблем, на должничкото ропство. Укинување на приватните извршители и нивно враќање во рамките на судската власт. Вонсудската наплата се покажа како класичен криминал. Работничките права ни се во фокусот – сабота, недела и празници да бидат неработни денови со закон, и да се престане со договорите на дело, и да се примени решението за работен однос на неопределено време. Години борба се позади мене, години борба со протести, иницијативи, притисок врз законодавната, извршната и судската власт. Огромен број на конатакти со луѓе кои се блокирани, кои едвај преживуваат, сиромашни, кои се лихварени, уценувани, рекетирани. Во еден дел успеваме барем да влијаеме да се намали тарифникот на извршителите и одбивањето од примања да се намали од една третина на една петтина. Со пресудата на меѓународниот суд во Стразбур, во корист на граѓаните, а против монополот БЕГ и оној паушал за парно греење кој го плаќаа илјадници луѓе кои не беа корисници на овие услуги, се направи силно помрднување и будење на граѓанска свест. Тоа е голема победа на здружението Но Пасаран и Марјан Ненов, кој е дел од Движењето на слободни граѓани.

Сепак, борбата е подлабока, се работи за едне систем на наплата крајно девијантен, брутален, нечовечки. Овој систем на наплата доверител, нотар извршител и банка, зачинет со семејно – бизнис врски создава спрега, мафијашки начин на работа, каде жртви се само граѓаните кои плаќаат невидено големи суми, кои во ништо не кореспондираат со основниот долг, кој во суштина станува комплетно небитен кога животот на луѓето е загрозен, кога остануваат без покрив над глава, гладни, без електрична енергија, со блокирани сметки. Секој месец одземање на дел од плата или пензија поголем дел од животот го уништува човекот. Мафијата го одзема животот на граѓаните капка по капка крв, се додека не ги уништи семејствата на луѓето комплетно од прв до последен. Ме потсетува оваа наплата на коронавирусот, кога еден е болен во семејството , сите се болни, депресивни, уништени. Токму оваа наплата и социјалната и финансиска сигурност ни се приоритетите на овие избори.

Во контекст на претходното прашање, колку реално жената е фактор во политиката во Македонија и во општеството генерално. Какви се вашите искуства како жена во борбата со интитуциите?

Жената во Македонија не е доволно застапена во политиката, во контекст на решавање на круцијални прашања. Најчесто жените се појавуваат како советници, заменици, консулатнти, не како лидери или организатори на тим. Формално се поставуваат жени на важни позиции кои се водени од моќна машка фигура во позадина. Нивната формална поставеност е поради некои меѓународни барања за рамноправност, кои не се производ на свесност, будење, туку на форма. Обично, на крајот, на маса седнуваат мажи, на сцената или позади завесата во политиката, што е многу штетно за нашето општество, а носи потекло во традиционалната претстава за улогите на мажот и жената. Мудроста и благородноста нема пол, род, тоа се универзални вредности кои беспрекорно го трасираат патот кон прогресот на една заедница, општество, држава. Моето искуство е борба, во која жеддта и љубовта кон правдата ги засенува традиционалните и закоравени улоги во контекст на роодовата припадност.

Програмата на вашата коалиција Движење на слободни граѓани и ГДУ, која произлегува од вашата активност во одбрана на социјалните права на граѓаните е засенета од „бомбашката“ кампања и проектот премиер Албанец, која ја тераат најголемите партии. Колку и дали ваквата програма може да ги демотивира граѓаните да излезат да гласаат? Од друга страна, како Ана Глигорова како кандидат за пратеник може да ги натера гласачите да излезат од канџите на „високата политика“ и својот глас да го дадат за некој, кој се докажал дека вистински се бори за нивните права?

Граѓаните полека, но сигурно се освестуваат за очајната социјална состојба во која се наоѓаат. Премали примања, превисоки сметки, ужасен сиситем на наплата, мафијашки правосуден систем. Бомбашката кампања е интересна само за партиските војници на двете доминантни партии, кои стандардно си го полнат со адреналин своето гласачко тело. Овие бомби повеќе не се од суштинско значење за оние разочараните, неопределените, оние на кои им е дојдено преку глава од препукување на политичари кои се пребогати, криминогени и кои по секоја цена сакаат да го свртат вниманието од очајниот стандард и лихварската наплата. Мислам дека ова нема да им помине овој пат. Од друга страна, пропагандниот трик на ДУИ со предлогот за премиер Албанец е евтина игра, која гласчакото тело лесно ја препознава. Колку е важна етничката припадност на премиерот на една држава, ако е Македонец, Албанец, Влав, Турчин, Србин,.. ако е тој неелоквентен, не ја познава економијата, и можеби криминоген? На овие избори ќе се измешаат ниски страсти и свесност. Се надевам дека свесноста ќе победи и дека граѓаните ќе гласаат за бројот 7 на листата кој ќе се насочи на менување на закони кои ќе го подобрат животот на во контекст на правдата и финансиаката сигурност. Високата политика често произведува ниски страсти и тоа е голем проблем, кој мислам дека ќе го пребродиме со силни социјални мерки.

Во едно интервју велите дека посакувате да живеете во општествен систем кој во денешни услови е најблизок до социјалистичкиот. Нели сметате дека таков систем е утопија, особено што мнозинството граѓани пред три децении одлучија да го отфрлат дотогашниот?

Јас сум непоправлив вљубеник во утопиите. Оние позитивните, како социјализмот. Во капиталистичките држави во западните земји, синдикатите се многу активни, тие многу често ги креираат социјалните политики. Работничките права се во мојот фокус, затоа и социјализмот ми е близок. Во услови на притисок од неолибералните канџи, треба да се креираат силни социјални политики, во интерес на сите граѓани во државата. Процесот на транзицијата беше болен, деформиран, криминален, затоа сметам дека луѓето се крајно разочарани и дека се жедни за правда и финансиска сигурност.

Секако дека местото меѓу народните претеници би значело и реално поголемо влијание во борбата за социјална правда, но ако не ја добите довербата од граѓаните дали и понатаму ќе ја водите битката за нив?

Ако влеземе во Парламентот, Движењето на слободни граѓани и Граѓанско демократската унија ветуваме дека тие канцеларии ќе бидат нон стоп отворени за граѓаните, тоа ќе бидат нивни, граѓански канцеларии. Во секој момент и за секој проблем отворени за граѓанските проблеми. Покрај Собранието, планираме да отвориме и канцеларија во Скопје со вработени правници во која секој граѓанин ќе добие потребна правна помош. Без оглед што и да се случи во контекст на резултатот, ние ќе останеме исправени и спремни во борбата за граѓанки, човечки , социјални права. Секогаш на страната на граѓаните.

Извор: 24инфо.мк