Бугарија во еврозоната – таму, каде што единството е сила
Од денеска 1 јануари 2026 година еврото е официјална валута на Бугарија, со што земјата станува 21-ва членка на еврозоната. Овој чекор претставува стратешки момент за подлабока економска интеграција, стабилност и развој во рамки на Европската Унија, јавува БГНЕС.
Одлуката следува по позитивните конвергентни извештаи на Европската комисија и Европската централна банка од јуни 2025 година, со кои беше потврдено дека Бугарија ги исполнува сите критериуми за воведување на еврото. Финалното „да“ беше дадено на 8 јули 2025 година од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Со тоа Бугарија го исполни обврзувањето од Договорот за пристапување кон ЕУ од 2005 година. Истовремено, со воведувањето на еврото престанува да важи валутниот борд воспоставен во 1997 година, а фиксниот курс останува непроменет – 1 евро = 1,95583 лева.
Во текот на јануари 2026 година плаќањата ќе можат да се вршат и во евра и во левови, но кусур ќе се враќа исклучиво во евра. Од 1 февруари 2026 година сите плаќања ќе бидат само во евра. Банкарските сметки автоматски и бесплатно ќе се конвертираат, без промена на IBAN-броевите.
„Членството во еврозоната носи поголема сигурност, финансиска стабилност и повеќе можности за граѓаните и бизнисот“, се истакнува во официјалната информација.
До 30 јуни 2026 година банките и поштенските станици ќе вршат бесплатна размена на левови, а по тој датум Бугарската народна банка ќе продолжи неограничено да менува леви во евра без провизија.
Еврото, како втора најкористена валута во светот, носи придобивки како стабилни цени, пониски трансакциски трошоци и полесно движење и трговија во ЕУ. Бугарските евромонети ќе ги носат ликовите на Паисиј Хилендарски, Свети Јован Рилски и Мадарскиот коњаник и ќе бидат рамноправни со сите други евромонети во еврозоната.
Со влезот во еврозоната, Бугарија добива и свое место во Управниот совет на Европската централна банка, каде ќе учествува во носењето на клучните одлуки за монетарната политика на Унијата.
