Џентлменски уставни промени
Facebook статус на Никица Корубин
Уставните промени како “тема над темите”, без која реално нема ефективна и извесна, ниту една друга тема, на официјалниот почеток на изборната кампања, за претседателските избори, во фокусот ја држат единствено албанските партии. Кои, како што доликува, во претседателска кампања, на првиот ден го имаа соочувањето на претседателските кандидати. И меѓу другото не’ известија, дека коалицијата ВРЕДИ и ДУИ имаат “џентлменски договор да не влегуваат во влада која не прави уставни промени”.
За разлика од нив “македонскиот блок”, претседателската кампања ја започна со “партиски лидерски дуел”, на национална телевизија, која не е јавниот сервис, и каде што дискутираа и за “францускиот предлог”. После две години усвоена преговарачка рамка, отпочнати преговори и завршен скрининг процес, македонската “јавност” е изложена на брутална терминолошка манипулација, која треба да имплицира “неотпочнати преговори”, и проблематизирање на преговарачката рамка, која веќе преку скринингот е имплементирана. Со присуство и согласност на доскорешниот премиер.
Но, колку навистина уставните промени се “црвената линија”, conditio sine qua non? Е, тука веќе, судејќи според нејасно/јасната реторика следува “џентлменството” кај албанскиот блок и целосната конфузија кај македонскиот блок. Кое “џентлменство” очигледно се третира, прилично флексибилно и растегливо, барем кај албанската опозиција, која според зборовите на нивниот претседателски кандидат, однапред, речиси бланко даде рок од “не повеќе од шест месеци за продолжување на преговорите со ЕУ”, за следниот мандатар, кој не е тешко да се погоди кој би бил, кога се рокови, гаранции и диктати во прашање.
Со уште поголемо џентлменство од “мал бонус подарок”: “при првото патување, кое треба да биде во Брисел, од високите претставници на ЕУ да се бара да нема други услови за влез на Македонија во ЕУ, освен уставните измени”, вели Таравари. Проширено и надградено џентлменство. Иако, е нејасно за што се тие шест месеци, “гаранциите” ли ќе ги пишуваат мистериозните “високи претставници во ЕУ”; чиниш Северна Македонија не е партнер во НАТО и кредибилен иден партнер во ЕУ, па така кревка и несигурна, не може да опстане без “гаранции”.
Кое патем речено, уште непонудено, веќе беше исмеано од “опозицискиот лидер” од македонскиот блок: “тоа е фолклор, на 8-ми мај ќе видиме кои се условите кои ќе бидат диктирани од политичките чинители, вели Мицкоски за уставните измени, кои коалицијата „Вреди“ ги посочи како нивен услов за влез во владата”.
Што не’ враќа на граѓаните и нивната желба и поддршка за ЕУ, која треба некој “различен” или барем со “различно поимање” на политиката, согласно контекстот и условите, ефективно, а не декларативно да ја примени.
А, за такво “различно” до сега се декларираше ВЛЕН, која на овој начин, со вакво кокетирање и “џентлменство”, суштински започнува да ја дезавуира сопствената намера, идеја и кредибилитет, кој патем речено симболички и метафорички, по примерот на косовскиот премиер Албин Курти, означува ЕУ интеграција, преку стандарди, владеење на правото, принципиелност и издржливост и тогаш кога е тешко, затоа што е правично и исправно. Можеби е примамливо да се биде на “дофат на власта”, ама принципиелно е и со јасна идеја да не се споделува по секоја цена. Во случајов, по никоја цена, затоа што така нели налага џентлменството.
Затоа што во спротивно, со легитимирање на фактичкото блокирање на ЕУ интеграцијата, преку прифаќање на дискусија за суштински непостоечка тема (француски предлог, бугарски диктат, репреговарање), и нејзино нивелирање и нијансирање; од двата блока и македонскиот и албанскиот; наместо априори одбивање на ваква манипулативна дискусија, и јасно означување на очигледното блокирање на државата, легитимно е прашањето: а, кој е вистински за ЕУ?
Време за корекции има, ако има јасна намера. Затоа што во политиката, нијансите се опасни, а “духот на времето” е клучен. А, стекнатата доверба, лесно се губи, особено кога е прашање и на регионален контекст.
Премногу ли е ако очекуваме, за промена да добиеме јавни и транспарентни одговори од двата блока, и македонскиот и албанскиот во услови на сериозно сомневање за компромитиран изборен процес, преку потенцијален медиумски инжињеринг; барем за 3/4-тини од нив: власт или ЕУ?
Некој би рекол, нема ЕУ без власт, но вистинскиот одговор е дали има демократска власт без ЕУ. Затоа што џентлменството како постапка и принцип, само по себе е видливо, за разлика од се’ друго што треба да остане невидливо.
