ПАЧЕМСКИ: МАКЕДОНИЈА ИМА СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ СО ФОНДОВИТЕ
„Освен со здравствениот фонд како што и стана јасно на целата јавност, нашата држава има сериозен проблем и со пензискиот фонд. Ќе помине некое време и ќе се случи скандал со пензискиот фонд, дали некој источувал средства од него или пак ќе се појави некоја нова дупка. Но каде сме граѓаните во таа слика? Стотици случаи на наши сограѓани не можат или имаат потешкотии да се стекнат со право на пензија, бидејќи им недостасува платен стаж во соодветниот фонд. Пред неколку дена добив информација дека вработени лица во поранешна државна фирма „Огражден“ останале без 8 и повеќе години од својот работен стаж. Сето тоа се разбира не е по вина на самите вработени, туку поради отсуството на државните институции надлежни за регулацијата на таа проблематика.
Бидејќи државата е виновна за ваквата ситуација и го проспала овој момент, ГДУ се залага за обесштетување на вработените што останале без евидентиран работен стаж, бидејќи соодветните инспектори не си ја завршиле совесно работата.
Со нивното неработење тие нанесле штета на граѓаните и државата е должна да ги обесштети, но и да покрене постапка против несовесните државни службеници. За да станеме држава во која на прво место се почитувањето на редот и законите, но не само на хартија, тој што погрешил или не работел совесно треба да сноси реална одговорност, а оштетениот, во случајот оштетените работници од поранешната фирма „Огражден“, но и сите други, треба да добијат материјално обесштетување и годините што им недостасуваат да бидат платени од државата. Веќе 30 години само и единствено обичниот човек ја плаќа несовесноста на надлежните државни институции. Време е тие порочни практики да престанат и секој да го добие тоа што го заслужил.
Ние од ГДУ ќе инсистираме за брза разрешница на овој случај и бараме државата, кога веќе не е способна да воспостави ред во сопствените институции, да не дозволи граѓаните кои со своите даноци ги плаќаат истите тие институции, да бидат жртви на системот. Доволно време бевме жртви. Време е да го кренеме гласот за правда, за заборавениот Исток и за цела Македонија“, изјави претседателот на ГДУ-Штип, Борче Пачемски, на денешната изјава за медиумите во седиштето на партијата во Штип.