СОМНИТЕЛЕН ЗАКОН ЗА ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

Во својата претходна статија за МKД.мк, имајќи ја предвид економската криза која допрва следи, истакнав дека би требало да се суспендираат секаков тип субвенции за политичките партии кои доаѓаат од буџетот како и сите средства кои се наменети за партиско рекламирање и промоција, бидејќи таквата дејност не е трговска по природа и не е директно поврзана со поттикнувањето на вработувањата, здравството, безбедноста на граѓаните, храната или сместувањето на оние кои имаат најмногу потреба од тоа.

Како што многу од нас знаат, во сила е Законот за финансирање на политичките партии, кој подолу во кратки црти ќе биде и објаснет. На 19 јуни беше донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во која е пропишано дека четири милиони евра од вкупно нешто повеќе од пет милиони евра (0,15% од буџетот) кои претходно беа наменети за финансирањето на политичките кампањи, сега остануваат во буџетот. Тоа всушност значи дека за овие парламентарни избори на партиите ќе им бидат исплатени околу 1.161.000 евра. Одлуката во врска со намалувањето на финансиската поддршка на политичките партии е од огромно значење, не само поради тоа што четири милиони евра ќе бидат сочувани наместо да бидат залудно потрошени за рекламен материјал, туку и поради тоа што таквата одлука покажува дека и оваа „редуцирана“ сума пари е сосема доволна, ако не и повеќе од потребна за таа цел. 

Оттука си го поставивме и клучното прашање: Дали од финансирањето на политичките партии државата сноси повеќе позитивни или повеќе негативни последици?

Пред сѐ, треба да проучиме што е тоа што ја оправдува целта на финансирањето на политичките партии. Некои велат дека целта е да им се помогне на сите партии да се изјаснат и да можат да допрат до гласачкото тело, особено оние кои немаат или во минатото немале еднакви можности за тоа, бидејќи или се нов субјект на политичката сцена или немаат бројно членство кое би можело да учествува во финансирањето. Со постоечкиот Законот за финансирање на политичките партии предвидено е 30% од вкупните приходи да се распределуваат меѓу политичките партии кои добиле најмалку 1% од вкупниот број гласови на последните парламентарни избори, додека 70% се распределуваат меѓу политичките партии кои имаат пратеници во Собранието, согласно бројот на добиени мандати на последните парламентарни избори. Како што напоменав погоре, вкупните средства за финасирањето на политичките субјекти е 0,15% од буџетот на Републиката. Според вака пропишаниот закон очигледно е дека целта сепак не е сите партии да добијат еднаква шанса за свое промовирање пред народот, туку поголемите партии да се заштитат и искупат за својата сопствена некомпетентност која ја покажале во изминатиот мандат. Едноставно треба да се запрашаме, зошто им се потребни толку средства на партиите кои веќе имале свои претставници во законодавниот дом и извшната влас и најмалку четири години биле присутни во првите редови од политичката сцена и изложени на очите на јавноста, а притоа (и најважно) ние како граѓани сме ги почувствувале ефектите од одлуките кои тие ги изгласале и „спроведувале“.

(Целата статија на Александар Богоевски можете да ја прочитате на www.mkd.mk)