Воениот универзитет „Васил Левски“ одбележа 148 години од почетокот на военото образование во Бугарија
Националниот воен универзитет „Васил Левски“ ја одбележа 148-годишнината од отворањето на првото високо воено училиште во Бугарија, јавува Армимедија. На свеченоста, бугарскиот заменик-министер за одбрана Љубомир Монов го истакна значењето на военото образование за исполнувањето на обврските на земјата како членка на НАТО и на Европската Унија.
„Военото образование има стратешко значење. Денес се потребни команданти кои умеат да ја поврзат традиционалната воена обука со познавањето на новите технологии, да размислуваат критички и да донесуваат одлуки во сложени услови“, рече Монов во обраќањето во име на министерот за одбрана.
Одбележувањето започна со богослужба во универзитетскиот храм „Свети Седмочисленици“, по што со воена церемонија беше положено цвеќе пред споменикот на питомците. На свечениот собир беа врачени признанија на наставници избрани во звањето доцент и на оние што се стекнале со научниот степен доктор.
