| |

Заменик-министерката Десислава Георгиева соопшти дека во Бугарија се договорени 97 отсто од буџетот од над 3,3 милијарди евра за програмата „Развој на регионите“

Во Бугарија се забрзува спроведувањето на програмата „Развој на регионите“ за периодот 2021–2027 година. Досега се склучени договори за 97 отсто од средствата на програмата, чиј вкупен буџет надминува 3,3 милијарди евра. Напредокот и конкретни примери за заеднички инвестиции беа претставени на годишниот информативен настан за програмата, кој бугарското Министерство за регионален развој го организираше во Софија заедно со Светската банка, соопшти Министерството, пренесува БТА. Во фокусот на форумот беа концептите за интегрирани територијални инвестиции, преку кои локалните партнери заеднички изнаоѓаат решенија за развој на регионите.

На настанот учествуваа заменик-министерката за регионален развој Десислава Георгиева, Асја Станкова, генерална директорка на Генералната дирекција за стратешко планирање и програми за регионален развој при Министерството, Џејсон Пелмар, постојан претставник на Групацијата на Светската банка за Бугарија, Питер Елис, директор за Европа и Централна Азија во секторот за урбан развој, и Фуад Малкауи, виш специјалист за урбан развој и раководител на заедничкиот проект со Министерството.

„Преку партнерството со Светската банка во последниве години успеавме да ги зајакнеме нашите капацитети, да ја унапредиме политиката за регионален развој и поефикасно да ја спроведуваме. Се наоѓаме во клучна фаза од спроведувањето на програмата. Веќе склучивме договори за 97 отсто од средствата, што значи дека инвестираме над 3 милијарди евра во развојот на регионите“, истакна заменик-министерката Десислава Георгиева, се наведува во соопштението. Таа посочи дека заедничката работа овозможува размена на искуства и нови идеи, како и поактивен дијалог преку кој визијата на локалните заедници се преточува во конкретни проекти.

Асја Станкова го претстави напредокот во спроведувањето на програмата, вклучувајќи ги инвестициите во градовите и регионите, како и поддршката за подрачјата погодени од енергетската транзиција. Таа ја нагласи следната задача на Управувачкото тело и на корисниците на средствата – да ги реализираат договорените проекти и да постигнат видливи резултати за граѓаните.

Концептите претставени на форумот покажуваат како интегрираниот пристап ги поврзува инвестициите во здравството, образованието, културата и урбаната средина. Преку нив општините, здравствените установи, универзитетите и граѓанските организации ги надминуваат рамките на поединечните иницијативи и заеднички одговараат на потребите на целото подрачје.

Еден од најголемите примери е концептот „Нов модел на интегрирана здравствена грижа за децата во Југоисточниот регион“. Во него се вклучени 18 општини од областите Бургас, Сливен, Јамбол и Стара Загора, девет државни и општински болници, Тракискиот универзитет во Стара Загора, Универзитетот „Проф. д-р Асен Златаров“ во Бургас, Министерството за здравство и невладини организации. Вкупната вредност на проектите изнесува 102,2 милиони евра. Централно место има проектот за Мултипрофилната болница за активно лекување детски болести „Света Анастасија“ во Бургас, вреден 61,3 милиони евра. Предвидени се современа опрема, телефонски центар за детско здравје и телемедицина, електронска платформа за размена на здравствени информации и подобар пристап до болницата. Преостанатите 24 мерки опфаќаат обнова на педијатриски одделенија, лекарски ординации и здравствени станици, како и мобилни медицински тимови за населените места надвор од големите градови. Целта на инвестицијата е да им обезбеди на децата полесен пристап до здравствена заштита во целиот регион.

Во Северозападниот регион концептот „Стратегија за едно здравје“ обединува 10 општини и конзорциум од 27 партнери, меѓу кои се универзитети, девет болници, образовни установи, невладини организации и Универзитетот во Анкара. Проценетиот буџет изнесува околу 25,3 милиони евра. Предвидени се апаратура за дијагностицирање кардиоваскуларни и онколошки заболувања, мобилни ординации за превентивни прегледи и телемедицинско поврзување на здравствените установи во Плевен, Ловеч, Тројан и други населени места. Дел од мерките се наменети за жителите на оддалечените подрачја, каде што пристапот до специјалисти и дијагностички услуги е отежнат. Планирано е поставување дефибрилатори во Ловеч, Тројан, Никопол, Белене, Левски, Кнежа, Искар, Пордим, Тетевен и Плевен. Концептот опфаќа и развој на ветеринарното образование и инфраструктурата, обнова на просториите за настава во Ловеч и уредување зелени површини за спорт и рекреација.

Во Југозападниот регион, концептот „Интегрирани инвестиции за подобрување на поврзаноста, туристичкиот потенцијал, социоекономскиот и културниот развој на јужниот дел на Југозападниот регион“ предвидува обнова на инфраструктурата и набавка на апаратура за дијагностицирање кардиоваскуларни заболувања за Мултипрофилната болница за активно лекување „Југозападна болница“ и нејзините подрачни единици. Концептот опфаќа пет проекти со вкупна вредност од 36,5 милиони евра. Предвидени се мобилни ординации за превентивни прегледи во Петрич, Сандански, Кресна и Струмјани, како и поставување преносливи дефибрилатори за прва помош на клучни јавни места во општините.

Концептот „Брегови на современоста“ ги поврзува Габрово и Пловдив преку инвестиции од над 41 милион евра во културата, спортот и урбаната средина. Во Габрово се опфатени Центарот „Кристо и Жан-Клод“, Домот на хуморот и сатирата, спортската сала „Орловец“ и просторот покрај реката Јантра. Во Пловдив се предвидени модернизација на киното „Космос“ и обнова на јавните простори на јужниот брег на Марица. Планираниот „виртуелен мост“ ќе ги поврзе културните содржини и иницијативи на двата града.

На крајот на јуни заменик-министерката Десислава Георгиева предупреди дека Бугарија ризикува да изгуби речиси половина милијарда евра од програмата „Развој на регионите“. Таа тогаш посочи дека се подготвени мерки за надминување на проблемот. Според Георгиева, бугарските корисници на средствата имаат искуство, но бавните административни постапки довеле до тоа да нема доволно трошоци за пријавување пред Европската комисија. Поради тоа се појавил ризикот од губење на европските средства. Георгиева тогаш потсети дека буџетот на програмата изнесува близу 3,3 милијарди евра. Заклучно со тој период, биле склучени договори за 56 отсто од средствата, а биле исплатени 14 отсто.

Слични Објави