„Кодот на Бугарите“ во понеделник во киното „Одеон“ во Софија
На 30 ноември, со почеток во 18 часот, во киното „Одеон“ во Софија ќе биде прикажан филмот „Кодот на Бугарите“. Преку личната приказна на еден млад човек кој тргнува во потрага по своите корени, 55-минутниот филм ги претставува резултатите од долгогодишните истражувања на бугарските научници и археолошките откритија кои нè враќаат илјадници години во минатото.
Првите проекции веќе се одржаа, а реакциите се многу позитивни, изјави за Бугарското национално радио (БНР) режисерот на филмот, Јордан Симеонов.
„На публиката ѝ се допаѓа филмот, а тоа нè радува. Личната приказна на младиот човек е, всушност, приказна на секој од нас. Се покажа дека сите ние се вртиме кон минатото, кон своето потекло, кон своите предци. Тоа е дел од нас самите што не го познаваме. Токму тој дел од филмот публиката го смета за најинтересен.“
Со оваа тема се занимаваме со години, истакна режисерот во емисијата „Хоризонт до пладне“ и додаде:
„Станува збор за еден природен, научен феномен. Кога луѓето долго време живеат заедно во иста заедница и во исти услови, природата ги обележува, им остава маркер во ДНК. Така може да се проследи движењето низ времето и просторот многу генерации наназад. Сакаме да разбереме која е смислата на сето тоа. Зошто ни се дадени овие информации за да знаеме што правеле нашите предци, каде поминувале и со кого се мешале? Сигурно не е случајно. Сите што го следат ова покажуваат голем интерес. Станува збор за популационата генетика, област која во последно време брзо се развива и нуди интересни сознанија.“
Филмот е реализиран со поддршка од Националниот фонд „Култура“.
Целото интервју на Валерија Николова со Јордан Симеонов во емисијата „Хоризонт до пладне“ можете да го слушнете во аудиозаписот.
