Државата на траен исклучок: Меѓу досиејата на УДБа и денешните „непријатели“
Ели Секуловска
Протагонист на ова писание е голиот живот (nuda vita) на бившиот политички затвореник, жигосан како „бугараш“ од страна на суверенот, некогашната УДБа која и по наводната транзиција можеби го смени само името, но никогаш не се откажа од монополот врз исклучокот, одржувајќи го како трајно правило на владеење. Тоа е животот на homo sacer, човек кој не смее да постои како рамноправен граѓанин, туку е сведен само на голо биолошко постоење, лишен од секаква правна и политичка заштита.
Во архаичното римско право, homo sacer е опскурна фигура преку која човечкиот живот е вклучен во поредокот единствено преку формата на неговото исклучување. Тој е човек кој смее да биде убиен, навреден или физички нападнат од секого без никој да одговара, но не смее да биде жртвуван — личност поставена надвор од човечката јурисдикција, чие убиство не се класифицира ниту како жртвување (sacrum facere), ниту како злосторство. Со тоа се отвора сфера на суверена одлука која го суспендира законот и во него го вклучува голиот живот (nuda vita) на homo sacer. Кај него имаме пред себе резидуален и иредуктибилен гол живот, кој треба да се исклучи и да се изложи на смрт како таква, без каков било обред, пресуда или некакво жртвување кое би можело да го искупи. Тоа подрачје на индиференција, во кое ваквиот живот го означува изворниот политички однос, е многу посуштинско од односот пријател/непријател или сограѓанин/странец. Италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен, во своето капитално дело Homo Sacer: Суверената моќ и голиот живот (1995), овој парадокс, т.е. самото постоење на homo sacer го нарекува инклузивна исклученост: homo sacer не е едноставно исфрлен од законот, туку е задржан во неговиот дофат токму преку самото исклучување. Ова е најсуптилната форма на исклучување: вклучен внатре преку самото негово исклучување.
Невидливиот ѕид од страв
Во стариот Рим, homo sacer не носел посебна облека, но сите знаеле дека е исклучен. Па така, во секојдневието под надзорот на УДБа, за етикетираните „бугараши“ за време на Титова Југославија жигот бил невидлив, но сеприсутен — во кадровските служби, во милицијата, во маалото. Или, се чини дека суверената моќ на УДБа, која ја поседувала vitae necisque potestas (моќта над животот и смртта), била заснована преку трајна вонредна состојба, втемелена врз изолирањето на животот и постојаната закана од неказниво убиство на етикетираниот. УДБа не ги игнорирала „непријателите“; напротив, преку досиеја, следење и изолација ги држела под постојана контрола, правејќи ги јавен пример за останатите. Така, општеството се обединувало преку отфрлениот.
Означениот од тајната полиција немал вистинска заштита од законот. Ако некој го нападнел, отпуштел од работа или му го одземел станот, тој немал каде да се жали затоа што државата не го гледала како жртва, туку како homo sacer, чие страдање е правно невидливо. Секој што ќе се поздравел, ќе испиел кафе или ќе му помогнел на поранешниот логораш или дисидент, ризикувал и самиот да стане цел на службата. Поради тоа, дури и најблиските пријатели го одбегнувале.
УДБа го имаше, па и сега во голема мера го задржа приматот на суверен, бидејќи таа одлучуваше за заштитата на државата од внатрешните „непријатели“. Со таа одлука, на моите предци им беа укинати сите уставни, политички и граѓански права — им ги одзедоа образовните квалификации, им се закануваа дури и со одземање на децата, и ги фрлија во вонредна состојба низ логорите во тогашна Југославија, како Голи Оток и тајните досиеја. Преку контролата врз пасошите, вработувањето и слободата на движење, тајната полиција управуваше со секојдневниот, биолошкиот живот на граѓаните, одлучувајќи кој има право на достоинствен живот во заедницата, а кој ќе биде сведен на nuda vita.
Така, бившиот затвореник не можел да најде работа според струката, ниту да добие пасош или стан. Смеел да дише и да преживува на маргините, но му било забрането да учествува во јавниот, културниот и политичкиот живот. Тој бил „жив мртовец“ кој оди по улица, кај УДБа „објект на обработка“, граѓанин сведен на тишина и молк. Кога исклучокот ќе го соблече човекот од сите граѓански права, професијата, честа и политичкиот глас, она што останува е nuda vita: чисто биолошко постоење сведено на тело кое дише, чувствува болка и страв, но нема никаква правна или политичка тежина. Старите Грци разликувале биос (bios — квалификуван, политички живот на граѓанинот) и зое (zoē — гол биолошки факт на живеење). Кога системот го прогласува поединецот за homo sacer, тој му го одзема биос-от и го сведува исклучиво на зое — голо тело (nuda vita), изложено на волјата на власта.
Кога исклучокот станува трајно правило
Токму тоа е централната теза на италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен, преземена од германскиот правен теоретичар Карл Шмит и неговото дело Политичка теологија (1922) каде што се наоѓа и неговата позната дефиниција за сувереноста: „Суверен е оној кој одлучува за вонредната состојба“. Вистинската суверена моќ не лежи во способноста да се донесуваат и спроведуваат закони, туку во моќта да се одлучи кога законот престанува да важи — како што е вонредната состојба. Или, како што нагласува Шмит, суверенот ја гарантира ситуацијата како целина, во нејзиниот тоталитет, и има монопол врз последната одлука. Во тоа е суштината на државната сувереност, која на правилен јуристички начин не треба да се дефинира како монопол на присила и владеење, туку како монопол на одлуката. Исклучокот најјасно ја открива суштината на државниот авторитет. Со тоа што суверенот ја предизвикува и ја прогласува вонредната состојба, тој има моќ да го суспендира законот, што значи дека станува посилен од самиот закон.
Агамбен се надоврзува на Шмит и покажува еден длабок парадокс: суверенот е истовремено и внатре и надвор од правниот поредок! Имено, тој го користи законот за да го укине законот. Тука Агамбен го прави клучниот чекор: кога суверенот ќе одлучи за вонредната состојба, тој создава простор каде што законот престанува да ги штити луѓето, но државната сила продолжува да дејствува врз нив. И токму во тој простор се појавува homo sacer, човекот врз кого суверенот ја докажува својата апсолутна моќ. И колку повеќе луѓе се сведени на статусот homo sacer, толку поочигледно власта ја демонстрира својата неограничена моќ; секој нов исклучен живот е доказ дека секој граѓанин, во секој миг, може да биде сведен на гол живот (nuda vita). Овде одлуката се издвојува од правната норма и авторитетот докажува дека, за да се воспостави правото, не е потребно да се има право. Како што забележува Шмит, повикувајќи се директно на данскиот филозоф Серен Кјеркегор и неговото дело Повторување (1843), исклучокот е поинтересен од нормалниот случај: нормалното ништо не докажува, исклучокот докажува сè; тој го објаснува и општото и самиот себе, па правилото живее само од исклучокот.
Суверенот и homo sacer стојат во заемно зависна симетрија на двете крајни граници на општеството; суверен е оној за кого сите луѓе се потенцијално homines sacri, а homo sacer е оној спрема кого сите луѓе се потенцијално суверени. Преку видливото страдање и тивкото присуство на homo sacer во јавниот простор, системот го дисциплинираше целото општество, претворајќи ги правата на секој граѓанин во привремена и отповиклива милост. Исклучокот е сила која е истовремено одбивна и привлечна, сила која ги поврзува двата пола на суверената релација: голиот живот и моќта.
Законите важат само во нормални, мирни услови. Но, кога државата е во криза, правните норми не можат да одлучат што треба да се прави, па затоа потребна е суверена Одлука (на лидер, партија или орган) која ќе го суспендира правото за да го спаси поредокот. По 1945 и 1948 година, југословенскиот Устав и законите постоеја само на хартија, додека во реалноста важеше токму таа Одлука. Кога УДБа произволно ќе проценеше дека некој е „неподобен“, таканаречен „бугараш“ и наводно „опасен“ за државата, таа апсеше целосно невини луѓе без никаква вина, без докази и без чекање судски процес, па нејзината оперативна одлука за затворање и испраќање на Голи Оток и во други логори беше посилна од секој закон. УДБа беше институционализирана „вонредна состојба“ во која невиноста не значеше ништо.
За да го оправда ова, власта секогаш го спротивставува легитимитетот наспроти легалитетот — дистинкција што Карл Шмит детално ја разработува во своето дело Легалитет и легитимитет (1932). По 1945 година, УДБа отворено се повикуваше на наводниот „револуционерен легитимитет“ (одбрана на придобивките од НОВ) за да го заобиколи легалитетот — судовите, правото на одбрана и забраната на тортура. За иследниците, кршењето на законот при испрашувањето или ликвидацијата беше оправдано во име на „повисоката цел“. Но, кога ваквата вонредна состојба трае со децении, како што предупредува Агамбен, исклучокот престанува да биде привремена мерка и станува трајно правило на владеење. Тајната полиција истовремено истражуваше, судеше и извршуваше пресуди; практика чии траги критичарите ги препознаваат и денес во Северна Македонија, каде што поделбата меѓу законодавната, извршната и судската власт честопати делува како да функционира како едно те исто. Впрочем, како тогаш, така и денес.
Од темницата на архивите до медиумскиот спектакл
Необјаснива е брзината со која тоталитарната држава во рамките на Југославија, со отворање на само едно шише шампањ, туку така се претвори во парламентарна демократија. Традиционалните политички дистинкции — левица/десница, либерализам/тоталитаризам, приватно/јавно, ја изгубија својата јаснотија и преминаа во подрачје на неодреденост оној миг кога нивниот основен референт остана голиот живот (nuda vita) на истиот постгенерациски homo sacer.
Триесет години самостојност не донесоа никакви суштински решенија, освен провизорни и неадекватни. Декаденцијата во Северна Македонија и нејзиното наводно постапно конвергирање од тоталитаризам во демократија, можеби го имаат својот корен токму во нејзиниот почеток, поточно, во неказнетите убиства и прогони по 1945 година. Ставајќи го биолошкиот живот на бившите затвореници, и денес на Бугарите, во центарот на своите политички калкулации, државата само ја разоткрива тајната алка што ги спојува моќта и голиот живот. Денес, одлуката за животот се преплетува со одлуката за симболичка смрт, повторно воведувајќи вонредна состојба и прогласувајќи homo sacer за кого законите се суспендирани. Па, зарем зборовите на премиерот Мицкоски: „Ајде да се обединиме против заедничкиот непријател, против Бугарите“, не повикуваат токму на вонредна состојба — здружени против homo sacer, голиот живот на Бугарите во Северна Македонија?! Понатаму, тој го повторува истиот оксиморон, тврдејќи дека се грижи за Македонците во Бугарија, додека пак тие истите си ги бараат своите права затоа што нивните дедовци и прадедовци беа протерани како Бугари од тогашните власти во Македонија.
Сè што ќе излезе на светло од темницата на минатото за да се разјасни, македонскиот систем го разбива и го распрснува, правејќи од него влог во дневнополитички конфликт. Медиумите кои произведуваат спектакли го трансформираат јавниот простор во трајна вонредна состојба, во која исклучокот, homo sacer, повторно се бившите затвореници, таканаречените „бугараши“, и нивните потомци. Homo sacer е оној што ја носи вината — жигосаниот. И токму тоа мораме да научиме да го препознаваме и во политичките односи и во јавните простори во кои живееме: дека исклучокот е суверениот номос (nomos) кој ја утврдува секоја друга норма, држејќи ги нераскинливо врзани голиот живот на отфрлениот и суверената моќ над него. Или, премиерот Мицкоски владее суверено, држејќи го мнозинството на нишан во вонредна состојба, во која главниот виновник се, секако — кој ако не друг, туку Бугарите.
На крајот, инклузивната исклученост функционира како негативно лепило на заедницата. Општеството не се обединува околу заеднички вредности, правда или еднаквост, туку околу стравот да не се биде следниот отфрлен. Додека постои некој што е системски исклучен и обесправен без последици за власта, сите останати добиваат илузија на сигурност и припадност, плаќајќи ја таа илузија со сопствената слобода.
