ГДУ: СОСТОЈБАТА НА РЕКАТА ВАРДАР Е АЛАРМАНТНА- НУРЕДИНИ НЕ РЕАГИРА!
„Сезоната на балови во Виена започнува во месец февруари, министерот Нуредини ќе даде изјава по завршувањето на настанот – во меѓувреме, на располагање е Заменикот, со мустаќи или без нив, сеедно, ефектот е ист!
Состојбата на реката Вардар е очајна. Амбасадорите ни го чистат ѓубрето покрај Вардар, а коритото на Вардар со години е преполно со ѓубре, комунален и градежен смет, стари машини за перење, апарати за домаќинство и феклен отпад, за кој никој од политичарите не предвидел решение.
Жално. Доволно е да се доближите до ивицата на кејот и погледнете одблизу, ќе видите и помирисате отпадна вода, полна со фекалии. Во водата е откриено и присуство на метали. Во Вардар се фрла сѐ и сешто. Еколошките здруженија постојано алармираат. Има и помор на риба. Но кој да ги слушне?
Министерството за животна средина и Град Скопје не реагираат. Шилегов во 2017-тата година, кога ја бараше довербата од скопјани, меѓу многуте ветувања, вети и дека ќе го уреди кејот на реката Вардар. Но, не само што не се фати за работа и да го уреди кејот, туку и ѓубрето го остави во Вардар. Се спасивме од Панорамското тркало, ама не и од нечистотијата.
Одговорноста не е само кај Град Скопје. Нечистотата на реките зависи од волјата на сите општини низ кои тие поминуваат. Но ние речиси и не сме слушнале за некакви меѓуопштински иницијативи за одржување на хигиената на реките.
Реката нема континуиран мониторинг. И локалните власти прстот го вперуваат кон несовесните граѓани. Но ние прашуваме, кој треба да ги спречи нив? И дали треба да се остави во водата она што го фрлил некој?
Во Вардар има повеќе ѓубре отколку што има вода. Вардар не заслужува инертен однос. Состојбата е алармантна! Сликата е жалосна“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ГДУ, Дарко Попоски.

