| |

Во Букурешт свечено осветена најголемата православна катедрала во светот – „Спасение на нацијата“

Десетици илјади верници, државни и партиски лидери, официјални лица и свештеници присуствуваа на свеченото отворање на катедралата „Спасение на нацијата“ во Букурешт – највисокиот и најголемиот православен храм во светот, јавува БНР.

Свечената литургија ја предводеа Вселенскиот патријарх Вартоломеј и романскиот патријарх Данаил, во присуство на над 3.000 гости, меѓу кои беа претседателот Никушор Дан, премиерот Илие Боложан, претседателката на Молдавија Мaја Санду, како и бројни сегашни и поранешни политички личности. Околу 25.000 луѓе ја следеа службата на видео-бимови пред храмот, обвиени во романски знамиња.

Катедралата, која може да прими од 5.000 до 8.000 верници, поставува неколку рекорди:

Иконостасот е најголем во светот – долг 23,8 метри и висок 17,1 метар.

Во неа се наоѓа и најголемата икона на Богородица во Романија, висока над 16 метри.

Зданието е проектирано да трае повеќе од 500 години и да издржи земјотрес со јачина до 8,5 степени по Рихтер.

Изградбата на храмот, која траеше повеќе од 15 години и зафаќа површина од 38.000 квадратни метри, предизвика поделени реакции во Романија. За едни тоа е симбол на национална гордост, а за други контроверзен проект со огромни трошоци, проценети на над 200 милиони евра, финансирани од државниот буџет и донации.

По официјалната церемонија започна контролирано влегување на верниците во катедралата. Националниот храм на Романија е изграден на ридот „Арсенал“, во непосредна близина на зградата на романскиот парламент – втората по големина административна зграда во светот по Пентагонот.



Слични Објави