ПЛАКЕТАТА „ДАНИЦА РУЧИГАЈ“ ЗА „КОСКЕНА“ ОД МАРИНА МИЈАКОВСКА
Плакетата „Даница Ручигај“, што се доделува на жена писателка за стихозбирка објавена во тековната година, а во чест на македонската поетеса Даница Ручигај, која трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1963 година, овој пат ѝ се доделува на поетесата Марина Мијаковска за стихозбирката „Коскена“.
Селекторката Славица Дабевска-Ќировска во своето образложение за изборот, меѓу другото, истакнува: „…Поетесата во некои песни метафорично го оживува тајнописот на Анте, а од неговите лавиринти на зборови ги собира долините, реките и македонските планини… апелира за љубов, за свој мир и за можност и во светот на тагата да има некакво решение, како и за тоа дека помеѓу тие две крајности ништо друго и не постои… Гледам од овие стихови дека творечката сила на Мијаковска е во полн напон. Знам дека песните од оваа збирка долго ќе се чуваат од заборав, а вековната потрага по складни геометриски кругови ќе се открива и понатаму“.
Плакетата ќе биде свечено врачена на книжевниот настан посветен на творештвото на македонските жени-писателки, што ќе се одржи во понеделник, 2 декември, со почеток во 12 часот, во Друштвото на писатели на Македонија.

