МАРИО ЃУРОВСКИ ОТКРИ КАКО ПРОПУШТИЛ ДА ЈА ПРОДОЛЖИ СЕМЕЈНАТА ТРАДИЦИЈА ВО Ц. ЗВЕЗДА

Поранешниот македонски репрезентативец Марио Ѓуровски, кој во последните години блескаше во Тајланд, за српските медиуми ја откри причината зошто не ја продолжил семејната традиција да игра во Црвена Звезда, откако неговиот татко Милко и чичко Бошко ја започнаа кон крајот на 70-те години и почетокот на 80-те години од минатиот век.

Татко му Милко беше посочуван како еден од најголемите потенцијали што воопшто заиграле на „Маракана“, остави силен белег во црвено-белиот дрес, но ги разочара сите со трансферот во најлутиот ривал Партизан. Неговиот чичко Бошко, кој беше и селектор на Македонија, пак остана верен на Ц. Звезда, беше и тренер на првиот тим, легенда е на клубот. Но, Марио не ја продолжи традицијата, иако и Милко, а и Бошко се огромни звездаши. И двајцата беа македонски репрезентативци.

Најмладиот Ѓуровски беше дел од младинскиот погон на Ц. Звезда, потоа играше за Бежанија, Војводина, Металург Доњецк во Украина, па потоа се пресели на Тајланд во Муангтонг, чиј член е, а стана и симбол на клубот, па Бангкок јунајтед, Бангкок глас. За Македонија има 12 меча и два гола.

„Останува таа жал што не играв за Ц. Звезда, или можеби за Партизан во Србија. Криво ми е, јас сум дете од Белград, израснав во звездашко семејство, иако Милко го сруши тоа со трансфер во Партизан, ама знам колку се сакаше Ц. Звезда и колку Милко беше звездаш“, вели Марио за српски „Телеграф“, па ја открива приказната како не потпишал за најголемиот српски клуб и бивш европски и светски првак од 1991 година.

„Сè почна да се случува после тој меч Звезда – Бежанија, а јас веќе потпишав со еден менаџер. Одигравме сјајно на ‘Маракана’ и почна да ме бараат многу клубови, а на крај се случи јас и брат ми Марко да одиме на вечера со Драган Стојковиќ – Пикси (претседател на клубот во тоа време – н.з.) и Дика Стојановиќ (голманот од славната генерација – н.з.). Навистина ми беше понуден договор, а почнува да се случува ситуација да имам понуда од Партизан и од Панатинаикос, кој во првата сезона требаше да ме прати на заем во ОФИ Крит и тоа преку семејниот пријател Ратко Јањанин. И таа понуда беше на маса, но јас побарав од Пикси малку време, бев уште дете, а главата не знаеше каде сакам. Звезда секогашми беше во срцето… Сега некој ќе рече како ти е во срцето, а не дојде. Но, тогаш многу работи набрзина се случија, јас само барав неколку дена да ми се избистри главата, иако реков дека сакам да играм во Звезда“, посочува Ѓуровски.

И во целата ситуација, македонскиот репрезентативец не добил шанса да ја избистри главата – туку морал да реши брзо.

„Да е јасна ситуацијата, единствената вистинска понуда што ја имав беше од Ц. Звезда. И не ја прифатив. А, јас тој ден не ја прифатив. Беше опција да ја прифатам до крај на денот. Но, имав некои свои принципи и ставови, бев дете и веројатно тоа ме чинеше многу. После тој неуспех, преживеав пекол година ипол. А, тоа не го заслужив. Не патев, ама имав проблеми, за кои не ми се зборува. А, јас одев на мечеви на Ц. Звезда, навивав, зашто никого не измамив, ниту одбив, а најмалку реков дека не сакам во Ц. Звезда. И требаше сите да сфатат, јас имав 20 години, а ме бараат 10 луѓе дневно, па имате понуда, ве бара Панатинаикос, се интересира Партизан, се јавува Звезда… А, јас бев неодлучен, не знаев каде, што како и испадна лошо по мене. Останува жал, ама човек учи и таков е животот, некаде нешто ќе пропуштиш, па ќе ти се врати на друго место“, додава Ѓуровски.

Извор: Спорт1

Слични Објави