СЕВЕРНА КОРЕЈА: САД ТРЕБА ДА ЈА ДРЖАТ УСТАТА ЗАТВОРЕНА ДОКОЛКУ САКААТ УСПЕШНИ ИЗБОРИ

Северна Кореја соопшти дека Вашингтон не смее да се меша во меѓукорејските прашања ако сака да одржи успешни претседателски избори, откако САД изразија жалење поради нејзината одлука за прекинување на врските со Јужна Кореја.

Во изјавата издадена од официјалната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА, висок официјален претставник на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја ги опиша изјавите на Вашингтон како дегутантни и двојна игра.

Американците треба да ја држат устата затворена и да се занимаваат првенствено со внатрешните работи ако сака успешно да ги одржат претседателските избори, рече Квон Јонг Гун, генерален директор на одделот за американски прашања во министерството.

Изјавата следуваше откако американскиот Стејт департмент соопшти дека е разочаран од одлуката на Северна Кореја да ги прекине комуникациските врски со Јужна Кореја.

„Ако САД го ставаат носот во туѓи прашања со невнимателни изјави наместо да се занимаваат со внатрешни работи во време кога нивната политичка состојба е во најлоша конфузија досега, тие би можеле да се соочат со непријатности со кои ќе биде тешко да се справат“, рече Квон Јонг Гун во коментар пренесен од КЦНА.

Заканата од Северна Кореја е упатена два дена пред втората годишнина од историскиот самит меѓу лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун и американскиот претседател Трамп во Сингапур.

Извор: makfax