УСТАВНИОТ СУД НЕ ПОКРЕНА ПОСТАПКА ПРОТИВ АМНЕСТИЈАТА НА МУКОСКИ, ВАСИЛЕВСКИ И ОСТАНАТИТЕ АМНИСТИРАНИ ЗА 27 АПРИЛ
Уставните судии одлучија да не покренат постапка за оценување на амнестијата која ја изгласаа пратениците за дел од обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 април, јавува Алсат М. Иницијативи поднесоа Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска. Петров го спореше целиот Закон, Јошевска, пак, само членот 2, односно начинот на кој се даде амнестијата. Судија Насер Ајдари кој беше известител на иницијативите рече дека тие треба да се отфрлат.
„Уставниот суд не може да се става во улога на Собранието, туку тој одлучува дали Собранието имало уставно право да го донесе законот и затоа ваквите прашања за правото на давање амнестија се неосновани“, вели судијата Ајдари.
„Законодавецот не дава амнестија за сите кривични дела кои не се докажани. Не треба да се генерализира дека амнестијата се дава за сите, односно со делата коишто се загрозува државата“, вели судијата Осман Кадриу.
За разлика од нив, уставниот судија Јосифовски го застапуваше ставот дека законот за амнестија е противуставен, а претседателот на Уставен е против било какви амнестии.
„Не може Собранието кое дава амнестија да го пренесе правото на Судот да одлучува арбитрарно кој ќе добие, а кој нема амнестија за ист кривичен настан. Од тие причини сметам дека законот е противуставен“, вели судијата Јосифовски.
„Никогаш во животот нема да поддржам вакви амнестии кои се на штета на државата. Со во овој Закон во целост ние нема да ги дисциплинирамне сторителите и не ги зацврстуваме државните вредности“, рече Сали Мурати, претседател на Уставен суд.
Уставните судии пред еден месец ја отфрлија иницијативата и на поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков. Чавков кој е осуден на 18 години и не доби амнестија, бараше од Уставен да се произнесе дали амнестијата е противуставна. Со Законот за амнестија кој Собранието го изгласа пред една година, амнестирани беа 15 од вкупно 33 обвинети за настаните од 27 април.
