| |

ДОДЕКА ЗАЕВ И МИЦКОСКИ СЕ „ЈАДАТ“ ЌЕ ТРЕБА ДА ЧЕКАМЕ НОВ ВИРУС ЗА ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО ЕУ!

Стратешки и сигурно, преговараме веќе од 22 март 2004 година за влез во ЕУ а пак за НАТО од 1993 година. И конечно дојде успехот- громот ( исто како поговорката „гром од ведро небо не удира во коприви“ но ние сме светски доказ за точно на спротивното) па влеговме во НАТО. Нашиот технички премиер пред неколку дена изјави дека „иако целото човештво е во тешки времиња и се справува со Ковид- 19 (појаснувам- заканувачкиот вирус за истребување на луѓето- народски муабет или од поддржувачите на теориите за заговори), ние Македонијо треба да бидеме горди бидејќи ова е наш успех. УСПЕХ НА СЕКОЈ МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИН СО МИНИМУМ ДЕМОКРАТСКА ОПРЕДЕЛБА ВО СЕБЕ“.


Е тоа е веќе нешто, затоа народе, земете воздух со полни гради и подгответе се за втората стартешка цел, а ако сте наклонети религиозно, почнете уште сега да се молите за побрзо појавување на друга чума што ќе се заканува на човештвото или некој нов заговор помеѓу светските сили, за да не чекаме уште многу за влез во ЕУ.

Постојат неколку теории за појавата на овој вирус, од религиозни дека Господ не казнува и слично, па се до политичко- економски заговор помеѓу светските сили за теоретичарите на заговори. Но за нас тоа па и не е толку важно како и зошто се има појавено, важно е дојде до конфликт помеѓу дражавите членки на ЕУ, со замена на знамиња и добивање помош од Кина, па полека но сигурно дури и организирано да се ослободи столченце за на „големата трпеза“ за која се бориме уште од 22 март 2004 година. Но кој ќе преживе ќе раскажува.

Овој вирус направи економски пад на светско ниво па и нашата економија ќе си ги сноси последиците кои ќе бидат посериозни од очекуваното и ќе се пребродат многу потешко. Само поединци ќе ја имаат честа да не го осетат овој ладен бран. Со правни и демократски мерки, нашите главни функционери на политичката сцена, неуморно и енергично бараат излез од оваа сепак непредвиена криза. Како и вообичаено пред малите екрани на големите телевизии претежно излегуваат г.Заев и г.Мицкоски и започнуваат „жестока“ дебата на надвикување кој направил повеќе за својата земја и граѓани. Водечката сила (позицијата) МОРА да кажува дека ситуацијата е под контрола, дека се преземаат мерки согласно законот, дека нема простор за паника, дека нема да дојде до крах на економијата, дека здравството е подготвено. И таман да се дојде до кулминацијата на фалењето и смирувањето, еве ти ја директорката на кожно, „одговорно“ си се враќа жената на работа заедно со вирусот.

Доаѓа до алармантна ситуација, вирусот се „распрскува“ се пикира докторката како тема за муабет и одма овде влегува опозицијата со решенија, како треба дипломата да и се земе, да се отстрани од работа, исто така затворски мерки да се спроведат (небаре тие така им правеа на своите сопартијци кога беа на власт). Од чесни- почесни! Добро дечки, знаеме дека избори ќе дојдат после кризата, не се напнувајте толку, не заборавивме што правевте и вие!

После „едукативните“ турски серии, на ТВ ќе го дадат и Министерот за здравство, Венко Филипче, со вонредните вести, (колку што може посмирен) каде што дава информации колку се заболени но дека се е под конторла и секако апел до сите за будење на самосвеста и почитување на превентивните мерки. Па следуваат домашните услови на виделина на луѓето со просечни примања (едвај имаат едно функционално ве-це, но апелот од Владата мора да се почитува). Народе не си играјте играчки, останете дома во домашен карантин и следете ги упатствата, седете во различни простори, користете различни бањи и слично ( сето ова на политички мудар начин) и редовна дезинфекција за оние кои немаат услови … а опозицијата враќа, има заболени 12% од лекарите затоа што нема квалитетна и доволна опрема за заштита. Која е логиката во болнициве да не е превенцијата од прв ред а да биде во домовите?! Потоа следува нова епизода од друга турска серија. Додека позицијта се бори со медиумски настапи да ги смири граѓаните, опозицијата излегува со ударни вести дека сме на второ место по број на заболени од Ковид 19 на Балканот. Луѓето во паника купуваат залихи на прехрамбени продукти, земааат во изобилство, меѓусебно се тегнат по маркети, се натпреваруваат кој повеќе квасец или тоалетна хартија купил. Ништо поразлично и по аптеките. Но никој не е виновен од луѓето. Се буди инстинктот на преживување.

Јавно по социјалните мрежи почна да се шири говор на омраза од страна на „македонски патриоти“ (на кои најверојатно им доцни бугарскиот пасош или пак ги снашло поголемото зло се одбиени) кои со голема доза на злоба, погодени од ситуацијата им се буди суетата, па дел од нив заборавиле на своите роднини, братучеди,пријатели па дури и на своето дете, дека ги пратиле на печалба или студии со бугарски пасош, и лелекаат како не се смеело луѓето да се вратат дома. И тоа само затоа што заминале по парче леб со бугарски пасош! Срамота и гревота! Е а после вирусот веќе ништо навистина нема да биде исто, ќе нема сликање со подароците и чоколадите од странство со хаштак со пријателот од Италија. Сепак, никој не е виновен, се буди инстинктот на преживување.

За тие изливи на неконтролирани реакции, власта мора да најде решение, па освен видеата за заштита од вирусот да подготви и такви за човекољубие и хуманост! Секако никој од плукачите не ни може да замисли како изгледа да си заглавен на граница или пак да те стават на државен карантин, каде што иако си здрав сепак можеш да закачиш нешто. ДРЖАВЕН ВИ ТЕКНУВА? Јасно ми е, стравот е голем, башка прегледите се преку телефон а па и за белја немаме и доволно респиратори. Чекаме да ни пратат за недај Боже.

Но сепак моралната поддршка продолжува, од лидерите на ГОЛЕМИТЕ партии. Не плашете се, ако Заев каже добри сме, а Мицкоски каже не сме, или обратно, така е да знаете!

И додека граѓаните се борат и фаќаат пријатели по продавниците и аптеките, останатите се молат за ново „косење“ на некој новопојавен вирус за конечно и историско влегување во ЕУ. Ќе биде пријатели, и само смирено. А за да биде така секој наутро да си ги земе своите „витамини“, препишани или не!

Автор: Александра Трнковска

Слични Објави