ГОЛЕМ ТОВАР СО ОПАСНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЃУБРИВО ПОТЕНЦИЈАЛНА ПРИЧИНА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО БЕЈРУТ

Бејрут полека излегува од кошмарот што го доживеа на 4 август, а истрагата за причините за трагедијата продолжува во целосна сила.

Два дена по инцидентот, властите дојдоа до потенцијална причина за експлозијата – голема пратка земјоделски ѓубрива што беше закотвена на брегот на либанската престолнина и оставена со години без никакви мерки на претпазливост.

Документи испратени до Си-Ен-Ен откриваат испорака на 2.750 метрички тони амониев нитрат, кои пристигнале во Бејрут во 2013 година на брод во сопственост на руска компанија.

Бродот се вика МВ Росус и требало да стигне до Мозамбик. Сепак, поради финансиски тешкотии, бродот застанал во Бејрут, каде недостатокот на средства предизвикал немири во екипажот, составен од Руси и Украинци.

Така, бродот пристигнува до бреговите на главниот град на Либан и останува таму. Ова го потврдува директорот на либанските царински служби – Бадри Даер. Тој повеќе пати се обидувал да ја предупреди градската администрација и контролните власти дека бродот е „бомба што секој момент може да избувне“.

Даер изјавил дека товарот на MV Rhosus претставува исклучителна опасност доколку не се чува правилно и во соодветни услови.

Засега, либанските иследници се воздржуваат од наведување на рускиот брод, како причина за големата експлозија и сè уште не даваат конкретни информации за истрагата по експлозијата.

Она што рече премиерот Хасан Диаб е дека погубната експлозија е предизвикана од 2.750 тони амониум нитрат и дека супстанцијата се чувала со години во пристаништето во Бејрут, без да се преземат сите потребни мерки на претпазливост.

Што точно се случува во 2013 година? MV Rhosus заминува од градот Батуми Грузија до Мозамбик, а неговата рута е документирана во мапите на бродот. Капетан на бродот е човек по име Борис Прокошев.

Бродот е натоварен со 2750 метрички тони амониум нитрат – хемикалија која најчесто се користи за ѓубрење на земјоделски почви, но и за контролирани експлозии во рудници. Бродот плови под знамето на Молдавија, а застанува во Грција за да наполни гориво.

Тогаш сопственикот им кажа на руските и украинските морнари дека средствата биле исцрпени и МВ Росус треба да преземе дополнителен товар за да ги покрие трошоците за испорака.

Така, бродот стигнува до бреговите на Бејрут. Истиот е во сопственост на компанија наречена Teto Shiping, за ​​која екипажот тврди дека е во сопственост на Игор Гречушкин, бизнисмен од Храбровск, кој живее во Кипар.

Во Бејрут МВ Росус е задржан од локалните власти, заради неплатени царини и поплаки поднесени од руско-украинскиот екипаж. Бродот никогаш веќе не се вратил на своето патување.

Според капетанот Прокошев, морнарите биле оставени на бродот 11 месеци без доволна количина на храна и вода. Тој додава дека секој ден пишувал писма до рускиот претседател Путин, но на крајот морал да го продаде горивото и да ги искористи парите за да ангажира адвокат затоа што екипажот не добил помош од никаде и сопственикот дури не им обезбедил на луѓето храна и вода.

Во радио интервју за „Ехо од Москва“, Прокошев вели дека откако морнарите конечно го напуштиле бродот, биле вратени во своите домови, но без да добијат плата. Прокошев тврди дека во тоа време на бродот имало особено опасен товар.

Според е-mail-те меѓу Прокошев и неговиот либански адвокат, Чарбел Дагуер, амониум нитратот бил растоварен од бродот и бил дислоциран во хангар во 2014 година. И покрај сите предупредувања, хемикалијата останува таму цели шест години, без никој да се заинтересира за екстремната опасност на товарот.

Сепак, јавните документи добиени од Си-Ен-Ен покажуваат дека Дагуер повеќе пати се обидувал да го натера судот во Бејрут да помогне во дислоцирање на амониум нитратот. Во еден момент тој дури и понудил хемикалијата да се продаде на либанската армија, но без успех.

Според него, пристанишните власти не смееле ниту да дозволат преместување на супстанцијата. Генералниот директор на пристаништето во Бејрут посочува дека нитратот бил складиран во магацинот број 12 по налог на судот.

Се поставува болното прашање – колку пристаништа во светот чуваат такви потенцијално опасни материјали, напуштени исто како и оној од рускиот брод?

(По материјал од webcafe.bg)