ЛЕВИЦА Е ПРОТИВ ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА
„Остро се противиме на најавите на претседателот на Републиката – г. Пендаровски, дека се планира „продолжување на вонредната состојба“, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија. Членот 125 од Уставот е јасен и го ограничува максималното траење на вонредната состојба на најмногу 30 дена! Оттука, нејасно е од каде Кабинетот на претседателот или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции за арбитрерно дуплирање на овој стриктно утврден уставен рок!?
Продолжувањето на вонредната состојба, не само што е ПРОТИВУСТАВНО, туку е и непотребно! Впрочем, таа беше воведена како правен механизам само за одлагање на веќе распишаните парламентарните избори, а не и за справување со последиците од корона-вирусот.
Апелираме, носителите на извршната власт, односно Претседателот и Владата на Република Македонија да постапуваат внимателно и одговорно во оваа сериозна ситуација, да не си поигруваат со загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот и стриктно да го почитуваат Уставот на РМ! Доколку, и покрај нашите барања, се одлучи да се донесе противуставна одлука за некакво си бесправно и неосновано „продолжување на вонредната состојба“ – истата, од наша страна, веднаш ќе биде оспорена пред Уставниот суд на РМ“, стои во соопштението на партијата „Левица“.
