ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ ПРЕТСЕДАВААТ СО САМИТОТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО РАМКИТЕ НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС
Во Софија денеска ќе се одржи лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се Бугарија и Македонија.
Нашата делегација е предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев. Заедно со него се заменик-претседателот на Владата Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Самитот заради пандемијата со ковид-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска, а со него ќе претседаваат премиерите Заев и Борисов. Свои обраќања ќе имаат канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, претставник на Европската Комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.
На пленарната сесија на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес се очекува да земат учество лидерите на земјите од Западен Балкан како и заменик-претседателот на Европската комисија Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Вархеји.
Се очекува на Самитот да бидат донесени Акцискиот четиригодишен план за Заеднички регионален пазар за кој шефовите на држави и влади ќе потпишат декларација, како и декларација за Зелена агенда за Западен Балкан.
Лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија ќе заврши со заеднички изјави за медиумите на копретседавачите премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, заедно со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел. Поради ограниченото време на лидерите, на изјавите не се предвидени новинарски прашања.

