|

ЧУМУ ТОЛКАВА ОМРАЗА КОН КОСОВО

Еден повозрасен роднина кој бил сведок на тоа време ми раскажал една случка која перфектно го сумира и денешниот однос на многу Македонци кон Косово. Имено, во 1991 при распадот на Југославија, овој мој роднина правел муабет за тогашните актуелни случувања со еден негов соработник, етнички Македонец, на кого во овој напис ќе му го дадеме името Црпко.

„Еве Црпко, гледаш што се случува, Словенија прогласи независност и веднаш се ослободи, на Хрватска и оди потешко но на крај и тие ќе излезат победници, а потоа ќе дојде време и за независноста на Косово…“ Но кога мојот роднина ја спомнал можноста и Косово да добие независност од Југославија, Македонецот Црпко не можел да се воздржи па од нервоза скокнал и рекол „Еее, зошто Косово?!“.

Ај да го анализираме малце тој краток дијалог. На гореспоменатиот Македонец воопшто не му пречело независноста на Словенија и Хрватска, но многу го болело можноста и Косово да стане своја држава, иако исто како Словенија и Хрватска, ни Косово не е македонска земја!

Како Црпко во 1991 година, таков непровоциран негативен однос кон Косово имаат голем број Македонци и ден-денес. Тоа многу пати има излезено на виделина, последно тоа со случи по притворот во Хаг на челниците на Ослободителната Војска на Косово: Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи, и Реџеп Сељими. Иако овие лица се осомничени за злосторства направени во територијата на Косово врз Срби, Роми и Ашкалии, голем број на Македонците на интернет се радуваа на притворот на челниците на ОВК како тие наводни воени злосторства да беа направени врз Македонци и тие да биле најголемите душмани на македонската држава! И додека притворените лица во Хаг се осомничени а не осудени, весникот „Нова Македонија“ се осмели цела ОВК да ја прогласи за „воено-злосторничка“!

Таа квалификација на весникот „Нова Македонија“ оди дури и подалеку за зборот кој Википедија на македонски јазик го користи за ОВК: „терористичка организација“! За споредба: Википедија на останатите јазици на конституивните народи на некогашна Југославија (словенечки, хрватски, и босански) за ОВК пишува дека била паравоена организација, единствено Википедија на македонски се согласува со онаа на српски нарекувајќи ја ОВК „терористичка организација“! И надвор од самата Србија, единствено во Северна Македонија и се дава толкав простор на монструозната теорија за трговија со органи од страна на ОВК и тн. „жолтата куќа“!

Од голем број на Македонци може да се читаат и погрдни зборови и за самата Република Косово, и тоа од академската фела. Имено, пред 4-5 години еден професор (сега покоен) пишуваше за „некаква си држава“ Косово или „таканаречена држава“ Косово. Кога еден таков професор се служи со такви зборови, воопштпо не чуди кога една навивачка група за квалификацискиот натпревар Северна Македонија-Косово на фејсбук го најавуваше како Република Македонија-Протекторат Косово!

За да бидеме реални, секако дека и од страна на Косово чат-пат доаѓаат негативни сигнали кон С. Македонија и Македонците. На пример, пред неколку години имаше еден спортски натпревар во Косово каде навивачка група си имаше испишано транспарент со порака „Бугари според Господ, Македонци според Тито“, или пак глупоста на тогашниот премиер Рамуш Харадинај што на семејствата на борците во Куманово им додели по 10,000 евра државни пари. Од друга страна, Македонија постапила позитивно кон Косово со привременото засолнување на бегалците во 1999, а во 2008 ја призна независноста на Косово истата година кога беше прогласена (иако со некулкомесечно закаснување во споредба со Бугарија, Хрватска, и Словенија кои го признаа Косово едвај еден месец по прогласувањето на независноста). Но за жал, општиот впечаток е дека македонските медиуми и голем дел од Македонците имаат исклучително негативен однос кон Република Косово, а мотивите за таков однос заслужувааат посебно социолошко истражување.

Прва помисла за причините би била често повторениот мит дека во 2001 имало „агресија од Косово“. Но за каква „агресија“ може да се зборува кога во 2001 Косово не била суверена држава туку протекторат на Обединетите нации, а огромно мнозинство на војниците на ОНА биле Албанци од Македонија а не Косовци­!

Но македонскиот однос кон Косово временски е многу пред 2001, која влече корени од времето на СФРЈ кога од сите републики, Македонија беше „задња рупа у свирали“ па Македонците единствено кон САП Косово можеа да чуствуваат супериорност, а македонските комунисти беа исклучително сервилни кон српските, па како рефлексија на настаните на Косово во 1981 година, во Македонија политичко-идеолошките диференцијации кон Албанците беа многу жестоки, некогаш дури и повеќе од оние во Косово под пресија на Србија. Македонскииот ЦК-СКМ понекогаш одеше некој чекор понапред во справувањето со „албанскиот национализам и сепаратизам“, со политики кои дури не беа познати од ЦК-СКС, како што беа мерки од типот ограничување на раѓањето, уривање ѕидови и огради, мешани паралелки во средни училишта што практично значеше губење на правото на учење на мајчин јазик. Такви работи не се случуваа нпр. во Јужна Србија а да не зборуваме за Косово. Во тој период сигурно поради индоктринација на македонската јавност, се негуваше тој антикосоваризам и алтиалбанизам, што очигледно преживеа и три децении во плурализам. Од друга страна, продолжи и еден друг вид, опасен и далекусежен антиалбанизам, а тоа е научното оспорување на потеклото на Албанците, и другите национални вредности, што го има дури и во учебниците и ги трујат со омраза помладите генерации, а кои се рецидив на некогашното некритичко прифаќање на тезите на националистички настроените српски автори.

Чудно е што во поновата историја, од сите соседи на Македонците само Албанците немаа некој суштински спор со нив (освен кога одредени забегани автори или политичари си ги создаваа самите!). Например, кога станува збор за подршката на српските позиции кон Косово, во ниту еден момент Македонците не се навраќаат дека и ден денес одредени српски националисти (Шешељ и други), Македонија ја сметаат за српска земја, а Српската црква ја негира МПЦ. Елементарната логика вели дека токму поради оваа, во српско-албанскиот конфликт за Косово треба многу поголема воздржаност од Македонците а не навивачки однос на страна на Србите. Да не зборуваме дека кога ќе се извагаат дејностите на ОВК за одбрана на Косово од воено парамилитарните единици на режимот на Милошевиќ кој ги предизвика и другите војни во бивша СФРЈ, со докажани масовни злосторства, тогаш уште повеќе треба и еден обичен Македонец да биде на страна на вистината. Ако имало некоја случајна грешка што ја направил некој припадник на ОВК, тоа е неспоредливо со над 12.000 цивилни жртви, 20.000 силувани жени и неколку илјади исчезнати кои се на душа на српските воени и паравоени формации!

Автор: Риљинд Даути



Слични Објави