МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (6)

Времето минува, но ние, во денешнава наша Македонија како да сме застанале в место, никаде не одиме, ништо не правиме, живееме по онаа народната „Наведната глава, сабја не ја сече“. Еве и јас стигнав до последниот дел од колумнава (не дека нема повеќе што да се пишува, но се решив да ја завршам), пишувам и до некаде ми е јасно, а до некаде попатно сфаќам дека од минатото, па сѐ до ден денешен ништо не се променило, сѐ уште сме на почетокот на патот; некако сме заглавиле во еден лош ден кој постојано се повторува. Зошто е тоа така? Зар човечките животи, кои се толку скапо платени, немаат вредност во нашите очи, во очите на братот, комшијата, светот? Постојано во главата ми се врти прашањето: „Што толку згрешил овој народ, та постојано да живее во стравот од безизлезност и нејасна иднина? Ете живееме во дваесет и први век, време каде акцентот се става на човечки права, демократија, технолошки развој, а каде сме ние? Ние сме заглавени во минатото, се бориме со ветерници, а некогаш нашата борба била против тираните, нарушувачите на слободата, угнетувачите… Треба да сфатиме дека борбата за слобода (јас сметам дека живееме во привидна слобода), интеграција и подобро утре треба да ја извојуваме ние самите, никој чудотворно нема да нѐ спаси. Така нареченото „недоразбирање“ кое го имаме со нашиот сосед Бугарија нема чудотворно да исчезне. Ако сакаме да имаме иднина треба да застанеме на здрави нозе и храбро да прифатиме што се случувало во минатото, но и бугарската страна треба да ги ублажи методите на „воспитување“, некако како да не сакаат да сфатат низ што поминал и сѐ уште поминува овој народ… Ако на сите ни е јасно дека тука се движат манипулаторски сили кои работат за наш взаемен раздор, како ним не им е јасно? Ако некогаш сме ги гледале како наши браќа и како дел од нас и сме ги дочекале како наши ослободители, зошто пак да не биде така? Ама нејсе, Господ некако ќе ги уреди работите и секому по заслугите, а ние да видиме што се случувало во периодот на ослободување.

loading...

Кога настапи 1941 година и кога навлегоа бугарските војски во Македонија, тој ден Македонците го нарекоа „Воскресение“. Никој не ги гледаше и (вос)примаше Бугарите за окупатори. После цели 23 години окупација и ако ги ставиме оние 2 години од 1913-1915, цели 25 години српски терор врз населението во Македонија, нашиот народ конечно се чувствуваше слободен. Не постои збор што доследно би ги прикажал српските жестокости. Нивна цел не беше да го убијат телото, но духот на народот.

За тоа Воскресение пишува Сотир Нанев во својата книга „Взъкресение Македония 1941“. Во книгата може да се види радоста на народот и нивните поздрави: „Да ни е честита слободата. Да ни е вечна.“

Во книгата на Митко Георгиев „Македонска нација – Злосторство и казна“, издадена во Струмица во 2012 година, пишува многу интересни податоци за Македонија во периодот на Втората светска војна. Тука ќе изнесам некои од нив:

„Централниот акционен комитет (тоа се членови од ВМРО, ММТРО, македонскиот народ) испраќа телеграма до цар Борис III со следната содржина: „…Ваше Величество. Вашите големи усилија да извојувате целосно обединување на бугарскиот народ се овенча со завршен и блескав успех. Македонија, големата бугарска маченица, веќе е слободна и е во општо бугарската национална држава. Еден голем идеал – Македонија слободна и присоединета кон мајка Бугарија, за кој бугарскиот народ од Бугарија и Македонија води вековни епски борби… е реалност. Бугарскиот народ во ослободена Македонија сѐ уште е зашеметен, длабоко возбуден и исполнет со неизмерна радост и признание кон Царот на Бугарите,кон Цар Борис III…“ (Весник „Македония“ бр.2, 3 Мај 1941)

„Никаде нема поздрави и попламени Бугари од Прилепчани и Битолчани… Пречекот треба да се види, тоа не може да се опише со зборови. При чукањето на камбаните, целото население со бугарски знамиња и цвеќе излезе во градот, за да ги пречека оние со кои во мислите легнувале и станувале во продолжение од 23 црни години…“ (Весник „Зора“, 2 Мај 1941)

Но, за жал таа слобода кратко ќе трае… и одново ропство, гнет и терор. Ќе Настапи добата на мрачниот и безбожен србокомунизам. Овој период во нашата историја кој се слави и велича толку многу, беше пресуден за обезличувањето на Македонија. КПЈ, УДБ-а, ОЗНА, КОС – сите сили беа повторно насочени кон македонските Бугари (денешните Македонци) кои сакаа независна Македонија и против Хрватите, исто така кои се бореа за независна Хрватска. Затворите и логорите беа преполни со Бугари и Хрвати. Да, велам Бугари, не Македонци, зашто се затвораа, мачеа и убиваа сите оние кои се сметаа за Бугари во Македонија. А, во тоа време така се чувствуваше 90% од населението во Македонија.

Потврда и доказ дека поголемиот дел од населението во Македонија се чувствувало за бугарско, наоѓаме (покрај многуте докази) во книгата на Темелко Нешков, „Разделба нема – Македонија против македонизмот“, издадена во Софија во 2014 година.

Кој е Темелко Нешков? Зошто не е познат во Македонија? Зошто не е прогласен за народен херој на Македонија и покрај тоа што бил партизан и се борел за слободата на Македонија?

Роден е во Бело Поле, Прилеп во 1928 година. На 16 годишна возраст оди во партизани, каде доживува големо разочарување, бидејќи во неговата бригада сите биле србомани од прилепските села. Тој од разговорите што се воделе помеѓу татко му и пријателите, дознава дека преку партизанското движење ќе се протурка српската политика. Татко му се обидувал да да го убеди, велејќи му: „Убаво е, што си решил да се бориш, но како да те убедам да разбереш, дека таму нема луѓе кои ја сакаат Македонија! Се лажеш синко мој. Наместо Бугарија, Србија повторно ќе се врати тука и ќе стане уште полошо.

По завршувањето на војната тој со група другари формираат организација која има за цел да се бори за слободна и автономна Македонија која би се присоединила со Бугарија. Но, организацијата бива откриена од УДБ-а, а тие завршуваат уапсени, затворени и изведени пред суд. На судскиот процес, кој се водел против нив, а на кој јавен обвинител бил Лазар Мојсов, кој барал и смртни пресуди, државата им доделила тројца адвокати. Секако сите адвокати требало да се изјаснат дека Темелко и другарите се виновни, но по Божја промисла, еден од нив, адвокатот Благоја Попанков застанал на нивна страна. Говорејќи во нивна одбрана скоро час, а можеби и повеќе, тој го кажал следново: „Какви терористи, каков терористички акт направиле, за да бидат судени како такви, или уште пак, да се бара смртна казна. Срамота ли е да се чувствуваш Бугарин, треба ли да се одречеш од тоа? Тогаш дозволете ми искрено да ви кажам, дека во тој случај во судницата треба да се доведе населението на цела Македонија. Има ли некој од нив што не е Бугарин и не се чувствува така? И затоа ли се бараат смртни казни? Кажете ми тогаш, кој ќе ги заземе нивните места, кој ќе им отиде во куќите? Срби ли? Тука неколку пати беше подвлечено, дека обвинетиот Живко Илиев како дете избегал во слободна Бугарија, што има лошо во тоа, дека луѓето бегале и си ги напуштале народните огништа во период кога Македонија крварела под српското ропство?! Денес, бранејќи невини луѓе, јас си го давам полното право, категорично да го отфрлам барањето за смртни казни и да го земам предвид тоа дека сите биле партизани, влегувале во битки со Германците и во тие тешки денови не се криеле, дека продолжуваат да ги бранат идеите на Гоце и Даме… Всушност, под мотото на таа идеја им била ветувана Независна Македонија. “

Темелко Нешков поминува по затвори и логори 12 години само затоа што ја сака Македонија и се чувствува за Бугарин.

Од тука може да видиме какво било националното чувство на населението во Македонија и зошто Нешков не е познат и не е народен херој на Македонија. Нешков го земам како еден пример од многуте.

Да беше Србин или србоман, за пример ќе ја земам Мара Нацева Дрљевиќ, ќе беше уште на живот прогласен за народен херој. Мара Нацева Дрљевиќ- народниот херој на Македонија (односно на Југославија), која целиот живот го помина во Белград и во служба на Србо(Југо)славија, а пред да умре беше донесена и погребана во Куманово (кај роднини). Прогласена беше за народен херој уште додека беше жива, ја пишуваше и ја учевме во учебниците по историја, само затоа што се борела против бугарскиот ‘окупатор’.

Иван Николов во предговорот за книгата на Нешков, пишува: …Французинот Кристоф Долбо (Cristophe Dolbeau), долгогодишен професор во Загреб, кој што ги набљудувал внимателно националните противречности во поранешната држава, ја напиша и издаде во Лион во 1991 година, книгата „Пансрбизмот, ракот на Југославија “- „Le panserbisme cancer Yogoslave“ со мошне сугестивен поднаслов „La drame des peuples non-serbes, victimes de la politique imperialiste serbe“ – „Драмата на несрпските народи, жртва на српската империјалистичка политика“.

Што се случувало со Македонската партиска организација, со Покраинскиот комитет, со Шарло? Во претходниот дел напишав нешто околу тоа, но тука пак ќе го споменам Шарло.

Историјата ни кажува, дека Шарло поради неговите ставови беше заменет од функцијата секретар на партијата и исклучен од партијата, а на негово место беше поставен србоманот Лазар Колишевски (Лазар потекнува од малото гратче Свети Николе. Останал сирак за време на Првата светска војна и бил воспитан во српските сиропиталишта, завршил во Крагуевац (Шумадија) пиротехничко училиште и како работник во арсеналот на тој град, станува активист на српската комунистичка партија. Го заборавил својот роден јазик, тој целосно го прима српскиот дух во партијата. Колишевски во своите говори и писанија најотворено го заштитува посрбувањето на македонскиот службен јазик и меѓу другото вели: „…српското влијание врз македонскиот јазик е благотворно и неопходно… и отворајте ги вратите на македонскиот јазик за српските зборови и форми! “Тој е најголемиот враг на сите пројавени Бугари, кои ги изложува на сеч, на прво место Шаторовите другари).



loading...

Меѓу другото, Методија Шаторов се залагал за тоа земјата, пасиштата и шумите да се одземат од српските колонисти и да им се вратат на македонските селани, а колонистите да се иселат во Србија. Дури подоцна на 4 Септември 1944 година, под неразјаснети околности, Шарло е убиен во Бугарија, кај Пазарџик. Исто така во Македонија е испратен и Светозар Вукмановиќ – Темпо, најголемиот крвник на Македонија, кој имал целосно одврзани раце од страна на Тито, буквално да прави што сака во Македонија, односно македонските борци и функционери да бидат отстранети и ликвидирани (Шарло, Ченто, Јордан Чкатров, Павел Шатев и др.), а на нивни места да се постават Срби или србомани кои ќе работат и служат за српската и југословенската кауза. Темпо доаѓа во отворен судир со првиот македонски претседател Методија Андонов – Ченто на првото заседание на АСНОМ. Знаеме подоцна како заврши и Ченто.

Во затворот Идризово беше убиен и брат му на Никола Карев, Георги Карев.

Интересен податок е дека, за командант на шестата (охридска) ударна бригада, која исклучиво била составена од македонски борци, поставен е Србин од Србија. Зошто?

Од погоре пишаново се запрашувам, а и вас ве прашувам: за која фашистичка окупација се зборува и пишува во македонските и српските учебници по историја?! Не ли е ова попрво Југословенска или Србославска окупација на Македонија?

На Првото заседание на АСНОМ на 2 Август 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчински”, единствената официјална химна што се интонирала пред делегатите била „Изгреј зора на Свободата“. Таа била марш на македонските револуционери, нарачана од Тодор Александров во 1923 година. Во 1943 година е препеана на посовремен македоно-бугарски јазик (македонски јазик официјално уште не постои во 1943 година) од Коста Солев Рацин и истата година Рацин е убиен на планината Лопушник под сомнителна околност.

Во весникот „Нова Македонија” од 2 и 3 август 1945 година пишува за првата годишнина од АСНОМ каде што се пренесува атмосферата од салата: „Иницијативниот одбор за свикуењето на Првото заседание на АСНОМ, бурно поздравен, си го завзима своето место на бината. По тишината која после тоа настапи, громко одекна химната „Изгреј зора на Свободата”. Панко Брашнаров, најстариот член на иницијативниот одбор, со тих и дрхтав глас го отвори заседанието”.

Химната се пеела и пред народни собири, седници, конференции и празници.

Во еден напис од 30 ноември 1944 година пишува: „…Пре негу што започна конференцијата со својата работа, хорот на Младинскиот сојуз, под раководство на другарот Гајдов ги испеа химните „Хеј Словени” и „Изгреј зора”, кој бева стојејеки изслушани”.

Во друг напис од 3 декември 1944 година се пишува: „…Меѓувремено музиката засвирва „Изгреј зора на Свободата” и другарот Турунджиев го дава знамето со повик: Ова знаме на Илинденското востание Ви го предавам и верувам дека ќе го чувате (силни ракоплесканија)”.

Химната е забранета од србокомунистичките власти во 1948 година бидејќи е прогласена за „бугарашка“ и „националистичка“.

Книгата „Судени за Македонија (1945-1985)“ на др. Стојан Ристески издадена во 1995 година, ги прикажува кажувањата (лично од осудените и од нивните роднини) и документите на жртвите за самостојна и автономна Македонија. Сите тие биле судени со обвинение дека се „ванчомихајловисти“, „бугараши“, „националисти“, „ВМРОвци“, „автономисти“ или „анти Срби“. Замислете во Македонија се судени бидејќи биле анти Срби?! Тоа е исто како во Србија некој да го судат дека е анти Македонец.

Тука ќе изложам накратко едно кажување, едно сведоштво на Владо Велјаноски од Ново Село, Демирхисарско од книгата „Судени за Македонија (1945-1985)“. Во тоа време, како што пишав погоре за Темелко Нешков, многу Македонци или македонски Бугари формирале организации и најчесто ги нарекувале ВМРО или Илинден – 1903 и се бореле за слободна и независна Македонија или пак за присоединување кон Бугарија. Владо е еден од тие, кој поради таквите идеи и членството во нивната ВМРО-вска организација во 1948 година е затворен во затворот во Битола. Одбрав да пишувам за Владо, бидејќи тој заедно со Георги Карев лежел затвор во Идризово, Скопје.

Продолжува…

Автор: Тодор Вангелов