| |

КАКО ИЗРАЕЛ СТАНА СВЕТСКА СУПЕР СИЛА ЗА ВОДА?

Светот се соочува со голема криза поради недостаток на слатки води. Владата на САД предвидува дека до 2025 година 60% од светот, како и 40 од 50 сојузни држави на САД, ќе се соочат со недостаток на вода. Разузнавачката заедница на САД (The United States Intelligence Community) го гледа овој проблем како голема опасност од национален карактер. „Недостатокот на вода одигра една од клучните улоги за почеток на граѓанската војна во Сирија како и во миграцијата на популација од Африка во Европа“ – вели Сет Сигл (Seth Siegel), бизнисмен и автор на бестселерот на магазинот Њујорк Тајмс „Нека има вода: израелско решение за жедниот свет“ (анг. Let There Be Water: Israel’s Solution for a Water-Starved World).

Оптимизмот за светската водна криза, која е во најава, доаѓа токму од една држава која се наоѓа во пустински предел. Да, тоа е Израел. Принуден поради неопходноста од вода како и засилен со своите инзвонредни технолошки иновации, Израел стана светска супер сила за вода! Како го постигна тоа? Да започнеме со четири клучни точки:

  • повторна употреба на отпадни и искористени води;
  • десалинација на вода (добивање на свежа вода од солена) — најголемата фабрика во светот се наоѓа во Израел;
  • целосно преиспитување на системите за наводнување;
  • со своите иновации изградија софистицирани системи за конзервациски техники за вода.

Со овие стратешки планирања Израел, не само што има суфицит на вода, туку како што се гледа од спроведените испитувања, државата има изобилство на слатка вода.

Денес 30% од водата во Израел доаѓа од морето. Примерот на Израел треба да го следат и сите други држави во светот. Тие што немаат пристап до море треба да посветат повеќе внимание на различните начини на наводнување како и на системите за конзервациски техники.

ФАКТ повеќе за Израел – Израел е нација ОПСЕДНАТА со вода! Зошто?
Еве само еден пример: во еврејската света книга зборот вода е спомнат повеќе од 600 пати, а веќе над 2,000 години покрај тоа што се молат за благосостојба, се молат и за дожд и вода.

Водата претставуваше клучен аспект во формирањето на Израелската држава од страна на познатите основачи: Шерон, Вајцман, Бен-Гурион, Меир и Херцл. Тие уште во тоа време беа свесни дека без доволнен пристап до слатка вода не е возможен економски раст на државата. Денес, оваа пустинска држава стана и супер сила во извоз на овошје и зеленчук токму поради суфицитот на вода кој го користат разумно и стратешки.

Прашањето што треба да си го поставиме е како една пустинска држава со само едно езеро со слатка вода успеа да стане водна супер сила?

Држава успеа да им вметне на граѓаните свест за прекумерното трошење ресурси, односно да ги научи своите граѓани дека треба да бидат природни конзерватори, да се однесуваат заштитнички кон природата и ништо да не трошат во изобилство.

Како се постигна оваа цел? Директниот одговор е: со ригирозност. Државата Израел на своите граѓани им ја наплаќа потрошеното количество вода според цените на пазарот, без никакви субвенции! Со други зборови, можете да користите вода во изобилство, но тоа скапо ќе ве чини.

Човекот е повеќе претпазлив кога треба да плати за нешто, па така, оваа ригирозна мерка, му донесе придобивки на Израел на долгорочно ниво. Истата ригорозна мерка важи и за градежништвото и другите фирмите кои се занимаваат со оваа индустрија. Секој година енормни количини вода се трошат во градежништвото, а најголемиот дел преку цевките кои се користат во оваа индустрија. Израел успеа да воспостави технологија која ја користат сите градежни компании, а со која максимално се заштедува водата.

Најголемиот одлив на вода се користи во земјоделието, како во Израел, така и во целиот свет. Токму поради овој факт, Израел го изгради најсофистицираниот систем за наводнување наречен капка по капка или микро-наводнувачки систем (Drip Irrigation) кој е далеку подобар од стандардниот систем (Flood Irrigation). 

Дали знаете дека Израел ја користи водата од канализацијата која ја пречистува со помош на посебни пречистувачки единици и потоа истата се користи за наводнување во земјоделието? Да, ниту една друга држава нема воспоставено таков систем како во Израел.

Ние како држава, за жал, сме многу далеку од термините како обновлива енергија, зачувување на природата, итн., но се надеваме дека како што чекориме кон западниот свет, полека но сигурно, треба да се придвижуваме и во овие насоки.

П.С. Ова е само еден пример дека има што да се научи и од Истокот. За крај, би било убаво секој да ја погледне сликата прикажана долу. И не заборавајте, конзервативците се еколози по природа!         

Автор: Стефан Василевски 
Управител на идеолошки и аналитички центар Conservative.mk
Претставник на Алијасната на конзервативци и реформисти во Европа за Македонија

Извор: www.conservative.mk



Слични Објави