| |

ШЕСТ ГОДИНИ ПО „ДИВО НАСЕЉЕ”- ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ И ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ

Денеска се навршуваат шест години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Куманово се сеќава на 9 и 10 мај 2015-та година. Жителите на населбата „Тоде Мендол“ или популарното „Диво насеље“, денеска веќе живеат нормален живот исполнет со предизвици предизвикани од пандемијата и тековните животни радости и проблеми.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Денеска, во Соборниот храм „Свети Никола“ во организација на група бранители од Куманово ќе се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Слични Објави