Предлогот на Бугарија за заедничко чествување на Гоце Делчев е повеќе од дарежлив
Пишува: Бојан Брусников
Секоја година одбележувањата на датуми, поврзани со животот и делото на Гоце Делчев предизвикуваат „бранови“ во РС Македонија. Ги следев локалните медиуми, да не би случајно да пропуштат да поработат врз темата и во оваа 2022 г. Годинава одбележуваме 150 г. од раѓањето на големиот Гоце. Воедно со тоа во духот на веќе почнатиот активен дијалог со соседна Бугарија, властите во двете земји декларираа подготвеност за заедничко чествување на годишнината. Откако фрлив едно око на се што е напишано и кажано во однос на прашањето се смирив.
Во отворено писмо редица интелекталци од РС Македонија скокнуваат со паролата „Гоце е само наш“ и не можеме да го славиме заедно со Бугарија. Бројот на потпишаните интелектуаци под писмото, би бил причина за завист и на далеку поголеми држави. Откако го осети намекот, почитуваниот претседател на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања од македонска страна Драги Ѓоргиев, побрза да го потврди својот патриотизам истакнувајќи дека Комисијата нема дадено препорака за заедничко чествување.
Ги читам медиумите, ја читам биографијата на Георги Николов Делчев и си мислам. Целиот сознателен живот на Гоце Делчев, најопшто кажано е поврзан со бугарштината. Бил ученик во бугарско начално училиште и прогимназија во родниот град. Се дообразувал во бугарската машка гимназија во Солун, бил јункер во бугарското Воено училиште во Софија, бил егзархиски учител во бугарско училиште во Штип… За неговите револуционерни активности е напишано исто така многу, дури и од него самиот. Да, напишаното е на јазик, којшто денеска не може да биде прочитан во оригинал. Си читам онака и си мислам…
Истите тие интелектуалци тврдат дека Егзархијата и нејзините учители и училишта биле орудие за ширење на „големобугарската пропаганда“. Се прашувам, кој од почитуваните интелектуалци би прифатил денеска да стане бугарски учител. Со просечна плата од 1000 евра. За колку пари би станале бугарски учители? Со присила ли би станале бугарски учители? Дали го имаат тоа во срцата? Да скратам- во името на што тие би работеле за бугарските интереси? Не е ли навредлива прифатената теза дека „тогаш такво било времето“? Тврдење според кое тогаш луѓето се изјаснувале како Бугари, бидејќи немале други опции. А какво е времето денеска? Мислам дека одговорот е јасен. Исто толку јасен, колку што е јасна и етничката припадност на Гоце Делчев. Докажана на дело од самиот него. Останата како завет во неговите писма. Истите писма што денеска никој овде не може да ги прочита во оригинал.
Едноставното почитување на вредностите, мантра со која ни ги пукнаа ушните тапанчиња, бара елементарна почит кон починатите. Тоа значи дека не треба да се посегнува кон нивното дело, а освен тоа и запирање на секакви обиди да се посегнува и кон нивната етничка припадност. Во овој ред на мисли, подадената рака од страна на Бугарија и предлогот за заедничко чествување на Бугаринот Гоце Делчев е повеќе од дарежлив.
„Интелектуалците“ ни се познати и како биографии и како придонес во науката. Ме потсетуваат на вицот за шопот кој клечел пред клетката на жирафата во зоолошката градина, гледал нашиот херој гледал и донесол заклучок: „Нема такво животно“.

