МАКЕДОНИЈА НА ИСТОРИСКИ КРСТОПАТ
Споредбените анализи на постсоцијалистичките држави од источниот лагер, кои после падот на „ реалсоцијализмот“, почнаа процеси за интеграција во Европската Унија и во НАТО алијансата, покажуваат дека овие земји двојно, или пак повеќе од двојно, го зголемиле својот животен стандарт, а со тоа и благосостојбата на нивните граѓани. Имено, денеска Полска, Чешка и Словенија можат да се пофалат со просечни плати од околу и над 1000 евра, со што ги престигнале „ старите “ членки на унијата, како Грција, Португалија, па и Шпанија. Балтичкото трио кое во Советскиот сојуз беше на крајните маргини на моќната тврда комунистичка империја, денес се балтички „ тигри“, благодарение на трансформацијата на општествата. Особено Естонија, денеска бележи висок животен стандарт, ниско ниво на невработеност, брзоразвојна економија и уредени општествени односи. Останатите две, Летонија и Литванија, исто така преку пристапувањето во унијата, значително го зголемија животниот стандарт и куповната моќ на нивните граѓани. Останатите централноевропски држави како Словачка, Унгарија и Хрватска, малку заостануваат зад параметрите на овие погоре набројани земји, но и тие имаат животен стандарт двојно , дури и тројно поголем од државите од т.н Западен Балкан.
Чуму тогаш потребата од некои себепрогласени интелектуалци, новинари, аналитичари, та дури и универзитетски професори, како навиени кукли повеќе од две децении да преповторуваат дека „ Македонија не треба да влезе во Европската Унија, дека таа се распаѓа ,и таму не се почитуваат семејните и христијански вредности“, и слични ноторни пропагадни фрази, кои го заблудуваат и манипулираат и онака слабоинформираното граѓанство?
Нашите политички елити, освен декларативната заложба за членство во ЕУ и НАТО во изминатите две и пол децении, не се потрудија доволно европските вредности , европскиот стандарт и европската инфраструктура да ги донесат тука. Можеби и разбирливо, бидејќи самиот претпристапен процес на интеграција е всушност трансформација на државите за нивна целосна подготвеност да бидат високоразвиени членки на најбогатите западни асоцијации. Всушност, најголемиот квалитативен напредок на економско, социјално, развојно, па дури и културно ниво, овие земји од поранешниот Источен европски блок, го направија во процесот на нивното пристапување кога ги трансформираа општествата, преку бројни закони и регулативи. Интегрирајќи се во моќната ЕУ, нивните мали економии, станаа дел од еден заеднички европски пазар кој брои повеќе од 500 милиони жители, а со тоа, тие ги отворија портите за своите граѓани, пред се заа младите луѓе, и им отворија „ прозорец на можности“.
Во финалето на решавањето на деценискиот ирационален , наметнат спор за името на нашата држава Република Македонија, од страна на јужниот сосед Грција, чие решение ќе ги деблокира европските и евроатланските интеграции, истите тие „ самопрогласени интелектуалци, аналитичари, политичари, новинари и критичари“, нека понудат аргументирана алтернатива , на нивното тврдење дека Македонија не треба да влезе во овие асоцијации. Бидејќи , денеска Македонија е исправена пред, и има два ориентациски избори за своите граѓани , односно за себе како државен ентитет, дел од Западниот Балкан: или да го реши спорот со името и да се интегрира во ЕУ и НАТО, или пак да остане на ветрометината на балканската небиднина и лоша судбина. Аргументацијата дека Македонија, и нејзините граѓани имаат алтернатива во „ сојуз со Руската федерација“, како дел од една поширока евроазиска унија ( Русија, Белорусија, Казахстан и Ерменија), е или идеја на некој кој нема елементарно познавање од геополитиката и нејзините закономерности, или пак свесно сака да и наштети на својата земја, одработувајќи за туѓи агенди на соседки држави, кои Македонија ја гледаат како „ последниот пашалак на Милошевиќ“. Доволен е само посериозен обид за вртење на геополитичкото кормило на Република Македонија кон некакви источни , евроазиски сојузи, и Македонија да заврши по којзнае кој пат трагично, овој пат не како предвидена „ Швајцарија на Балканите“, ами како „ Украина на Балканот“.
Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки
