| |

(Видео) Во Бугарија е отворен првиот за Источна Европа институт за вештачка интелигенција

Во следните 10 години, бугарската држава ќе инвестира 170 милиони лева во првиот во Источна Европа Институт за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија INSAIT. Институтот е создаден во партнерство помеѓу Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и два од водечките технолошки универзитети во светот – швајцарскиот ETH Цирих и EPFL. INSAIT беше свечено отворен денеска во Софија.

Водечките светски технолошки компании Google, DeepMind и Amazon Web Services ја препознаваат важноста на INSAIT за развојот на истражувањето и иновациите во Источна Европа и за прв пат поддржуваат сличен проект во регионот со инвестиција од над 12 милиони лева.

Архитект на INSAIT е проф. Мартин Вечев од ETH Zürich – водечки светски научник во областа на компјутерската наука и вештачката интелигенција.

„Кога дипломирав на Кембриџ во 2003 година, сакав по 20-30 г. да создадам сличен таков центар како оној во Кембриџ во Бугарија. Преку овој институт Бугарија стана пионер во Источна Европа. Нашата приоритетна цел е да ја заживееме и трансформираме Бугарија. Како и другите западни институти, INSAIT има потенцијал да има сериозно влијание врз развојот на економијата, социјалната политика и образованието во Бугарија, како и врз улогата и авторитетот на земјата“, рече проф. Вечев на отворањето.

Специјални гости на церемонијата по отворањето беа претседателот на Република Бугарија Румен Радев, премиерот Кирил Петков, сојузниот министер за економски прашања, образование и истражување и претседател на Швајцарија (2021) Гај Пармелен, еврокомесарката Марија Габриел, водечки научници од Швајцарија, САД , Израел и Бугарија, претставници на академската заедница и бизнисот од Бугарија и од странство. Меѓу гостите беа добитникот на Туринговата награда (Нобел за компјутери) проф. Шафи Голдвасер од МIТ и Беркли и нобеловецот и „мотор“ на израелската стартап револуција Ден Шехтман.



Слични Објави