A BRIDGE TOO FAR

Насловот е позајмен од истоимениот филм кој низ слика ни ја прикажува катастрофата на сојузничката операција „Market Garden“ од 1944 година. Намерата на сојузничката команда била да се пробијат низ Холандија во Германија со надеж дека така ќе го забрзаат крајот на војната.

Во филмот има една сцена, каде е прикажана група пациенти од психијатриска болница, кои во метежот на уништувањето ја напуштиле институцијата. Тие весело талкаат низ околината, танцуваат по полјаните, се расправаат со измислените пријатели, се соочуваат со ненадејната промена на рутината, додека околу нив беснее жестока битка меѓу сојузничките сили и Вермахтот.

Е, токму таа сцена почитувани трибунџии, неодоливо ме потсетува на состојбата во која сите ние, сакале или не, имаме своја улога – главни ликови, епизодни улоги и се разбира, најголемиот дел е резервиран за статистите без кои масовните сцени се незамисливи, независно дали се живи или дигитализирани.

Доколку нашиов режисер имал прилика да работи на „A Bridge Too Far“ на помалку симпатичната „луда банда“ бездруго ќе и доделел улога на стратег во командите на завојуваните страни. Во сегашно време тоа би значело да го откријат инвеститорот на зданието што се крева пред Мавровка. Или да состават влада.
И тука шегата завршува.

loading...

Без оглед на „симпатичноста“ на бандата, никако не треба да и дозволиме да „организира“ настава и протоколарно да продефилира на првиот успешен час. Да се држиме до оригиналното сценарио, тие ликови весело талкаат,целосно несвесни за уништувањето околу нив,токму таа несвесност е нивната природа и благодарение на неа, тие не влијаат на ништо и ништо не влијае на нив.

Свесен сум дека неодамнешните парламентарни избори од сојузничката команда беа прогласени за успешни уште при скокот на првите падобранци, впрочем, и во 1944 постапија слично. Разбирливо, подоцна главните планери ги обвинија временските услови за целосното фијаско. Мислите ли дека на 16-17 000 сојузнички жртви од тоа им беше подобро?

Автор: Ѓорѓи Трендафилов

loading...