| |

Адмирал Ефтимов: Бугарија е во постојана координација со НАТО по нападите во Црното Море

Бугарските власти се во постојана координација со НАТО по нападите со дронови врз бродови во бугарската исклучителна економска зона во Црното Море, изјави началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов за БНР.

„Со премиерот и министерот за одбрана сме во постојана координација со органите на НАТО“, изјави Ефтимов, кој е во оставка со тримесечен отказен рок.

Тој посочи дека прашањето веќе е на дневен ред во Алијансата.

„Прашањето е поставено и тоа е на дневен ред во Алијансата. Денес имаше изјава и од Урсула фон дер Лајен во однос на реакцијата на ЕУ и вниманието што му се посветува на Црното Море. Во секој случај, ќе се разгледуваат мерки и ќе има колективни дејствија“, рече Ефтимов.

Според него, натамошните чекори ќе бидат разгледани и на седницата на Консултативниот совет за национална безбедност кај претседателката.

„Но, за нас логично останува да го засилиме набљудувањето, подготвеноста за реакција и ангажираноста на персоналот“, додаде тој.

Во врска со изјавата на еден од спасените членови на екипажот на вториот погоден брод, турски државјанин, дека бродот бил погоден од „руска подводна бомба“, бидејќи превезувал товар за Украина, Ефтимов рече дека за конкретни заклучоци се потребни докази.

„Ако располагаме со некакви материјални докази, можеме да дојдеме до конкретни заклучоци“, изјави тој.

Ефтимов нагласи дека потеклото на дроновите може да биде утврдено доколку има нивни остатоци.

За бугарскиот брод „Диоскурија“, тој рече дека неговиот екипаж „не само што спаси 18 лица, туку даде и многу вредни информации за ситуацијата“.

Слични Објави