Адмирал Ефтимов: Можно е бродовите во Црното Море да биле цел на комбиниран напад со воздушни и поморски дронови
Началникот на бугарската одбрана, адмирал Емил Ефтимов, изјави дека според неговата проценка инцидентите со погодените бродови во Црното Море може да се резултат на комбиниран напад со воздушни и поморски беспилотни летала, пренесува БГНЕС.
Сигнал за хаварија на моторниот брод „Алфа Уатан“ бил примен во Поморскиот спасувачки координативен центар во 2:54 часот преку итниот сигнален уред на пловилото. Единаесет минути подоцна бугарскиот моторен брод „Диоскурсија“ пријавил дека забележал воздушни беспилотни летала кои го напаѓале „Алфа Уатан“.
Според Ефтимов, спасувачкиот центар воспоставил радиоврска со бугарскиот брод, од каде била пренесена информација за експлозија на „Алфа Уатан“, по што бродот потонал.
„Зборуваме за интервал од три минути, што го објаснува отсуството на реакција од екипажот на потонатиот брод во однос на мерките за спасување. Ноќно време, стража, удар… немале време да реагираат“, изјави Ефтимов за БНТ.
По првичните сигнали биле активирани сите надлежни органи. Преку екипажот на моторниот брод „Ејбл“ била добиена и информација за пожар на друг брод.
Првично било соопштено дека и тој брод бил нападнат со воздушни беспилотни летала, но таа информација подоцна не била потврдена.
„За мене, според описот и заклучокот што го извлекувам, станува збор за комбиниран напад со воздушни и поморски беспилотни дронови“, изјави началникот на одбраната.
Инцидентите, според Ефтимов, отвораат прашања за ризиците за пловидбата и безбедноста во Црното Море во услови на воените дејствија во регионот.

