Адмирал Емил Ефтимов и генерал-мајор Ворнер Рос разговараа за безбедносната соработка меѓу Бугарија и САД
Началникот на одбраната на Република Бугарија, адмирал Емил Ефтимов, се сретна со генерал-мајор Ворнер Рос, генерал-аѓутант на Националната гарда на сојузната држава Тенеси, јавува МО на Бугарија. На средбата беа разгледани регионалната безбедносна средина, заканите во Источна Европа и Црноморскиот регион, модернизацијата на вооружените сили и развојот на инфраструктурата во поддршка на сојузничките операции.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното стратегиско партнерство, идните иницијативи и програмите за соработка во областа на безбедноста. Беше разговарано и за соработката во кибербезбедноста, како и за проширување на заедничката обука, размената на искуства и различните форми на подготовка со Националната гарда на Тенеси, со цел зголемување на способностите и оперативната компатибилност на бугарските вооружени сили.
Ефтимов истакна дека, благодарение на напорите на генерал-мајор Рос, заедничките активности достигнале високо ниво на интензивна и добро координирана воена соработка. Тој изрази увереност дека партнерството ќе продолжи да се развива „во духот на заемното разбирање, отворениот дијалог и ефективното партнерство“.
Партнерството меѓу Министерството за одбрана на Бугарија и Националната гарда на Тенеси започнала во 1993 година, по иницијатива на Националното биро на гардата на САД. Бугарија е меѓу првите 13 држави вклучени во програмата за партнерство меѓу американски сојузни држави и странски земји, која денес опфаќа вкупно 92 држави.

