|

Адвокатот на тужителите бараат 10.000 евра од Османи за клеветата: Не смее функционер да ги навредува борците за човекови права

Бујар Османи како функционер нема право да дава свои мислења, смета адвокатот Трајче Торов, кој го застапува Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) во тужбата против министерот за надворешни работи. Тој посочи дека се бараат 10.000 евра од Османи доколку се докаже дека го клеветел здружението. Доколку сака да критикува, Османи треба да даде оставка и да биде на исто ниво како граѓаните.

„Суштината е дека не смее функционер, властодржец, кој има моќ, да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и борците за човекови права. Финансирањето на Здружението на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент е ставање тие финансиери и здруженија да бидат цел. Се обвинуваат здруженијата дека сами се криви за состојбата во која се нашле оти прифаќаат помош од кој било. А тужениот е тој што треба да ги помага и има должност да ги помага жртвите што имаат повредени човекови права, а не да се става од другата страна да ги навредува помагачите на тие жртви“, рече адвокатот Трајче Торов од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).

Според него, Османи од позиција на моќ кажува кој е државен, а кој е антидржавен елемент.

„Терминот ‘сомнителен’ се употребува за некој што е помалку вреден и треба да се истражува. Тоа е ставање на тие лица да бидат како еден вид цел. Секако е омаловажување, не е еднакво тоа лице со оние што не се сомнителни. Тоа е доказ за навредата и омаловажувањето со ваквите изјави, особено од функционер што е платен од народот да се грижи за човековите права. Функционер нема право да дава свои мислења и критики, туку има само повеќе должности“, додаде адвокатот.

Претходно, адвокатот Љупчо Илиев, кој го брани министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во судскиот спор со Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), посочи дека тој го критикувал здружението, но не го клеветел. Според Илиев, Османи има право на тоа, иако е функционер што креира јавно мислење. Прашан дали Османи ќе се појави на следното судење за да сведочи: „Не можам да прејудицирам. Ние го предложивме, судот го прифати“.

Слични Објави