АФП: Светската оперска легенда Кабаиванска не престанува да твори иако е блиску нејзиниот 90-ти роденден
Рајна Кабаиванска е еден од најголемите сопрански гласови на нејзината генерација – веројатно со една од најгламурозните изведби на „Тоска“ заедно со Марија Калас. Бугарката и на 89 години е фактор во оперската уметност, пренесува БГНЕС.
Нејзиното последно сценско појавување можеби беше пред една деценија, но нејзиното влијание живее преку младите ѕвезди што ги менторираше на нејзиниот годишен мастер-клас во Софија.
„Кога мојата кариера заврши, имав внатрешна потреба да продолжам да се занимавам со музика“, изјави Кабаиванска, која на 15 декември ќе наполни 90 години, за АФП.
„Мојот живот е музика. Музиката ви дава енергија и инспирација и пред се ве обликува како личност“, нагласи таа.
Додека нејзините ученици вежбаат за годинешниот гала концерт во Софија, Кабаиванска гестикулира во сенките на затемнетата сала. Одеднаш, нејзините раце деликатно почнуваат да танцуваат за да ја водат пејачката низ најтешките делови.
„Стара сум и тоа дефинитивно не го кријам. Но, токму овој факт ми дава голема сила да работам со млади луѓе. Ја имам оваа амбиција – да ги изведам на вистинскиот пат“, рече со насмевка Кабаиванска.
Дуети со Павароти
Кабаиванска е родена во 1934 година во црноморскиот град Бургас, а како дете учела пијано. Тогаш еден наставник во гимназијата во Софија го забележал нејзиниот глас и ја вклучил во хорот.
Дебитираше во Софиската опера во 1957 година, а две години подоцна се пресели во Италија, каде што пееше во познатата миланска опера „Ла Скала“ и брзо се прослави.
Таа потоа ја запленуваше публиката ширум светот со улогите во Тоска и Мадам Батерфлај и ја сподели сцената со Шпанецот Пласидо Доминго и Италијанецот Лучијано Павароти, кој беше нејзин близок пријател.
Неговото семејство побара од неа да ја инаугурира погребната миса на големиот тенор во 2007 година во Модена. Кабаиванска изведува особено трогателна Ave Maria од Верди.
Впечатливо убавата Кабаиванска е и талентирана актерка.
Георги Текев бил фасциниран кога како деветгодишно дете ја гледал како кралицата Елизабета пред половина век во Вердиевиот Дон Карлос.
Дваесет и пет години подоцна, академикот ја покани да одржи мастер клас на Новиот бугарски универзитет (НБУ).
„Прво, таа е многу инспиративна и е тешкаш. Одржувањето на толку високи стандарди бара многу труд“, вели извршниот директор на НБУ за нивната долгогодишна соработка.
Родена да пее
Повеќе од 200 студенти од целиот свет ги поминаа мастер-класовите што Кабаиванска ги води секоја есен од 2001 година во Софија.
Речиси половина од нив продолжиле да студираат со неа во различни училишта во Италија со стипендии од фондот што го носи нејзиното име.
Меѓу оние кои поминале низ школата на Кабаиванска се и сопраните Марија Агреста од Италија, Јужнокорејката Виторија Јео и Украинката Софија Солови, италијанскиот тенор Андреа Каре и јужнокорејскиот баритон Симон Лим.
Оваа година, повеќе од 90 луѓе се пријавија на аудиција за само 14 места.
„Она што се бара е талент. Талентот кажува се“, рече Кабаиванска.
„Талентот не е само природна способност, туку и способност да се гледа светот поинаку. Само што си роден да пееш. Дури и за најталентираните не е лесно да заработат за живот бидејќи уметноста веќе го нема истото значење за јавноста како пред години“, додаде таа.
За студентката Баја Саганелиџе, 30-годишна мецосопран од Грузија, оперската ѕвезда „нè учи на сè – како да пееме, како да живееме, како да играме одредена улога пред публиката“.
„Секогаш размислуваме за ликовите, за композиторот, со неа се разговара за секој детал“, објасни Саганелиџе за АФП.
Друг студент, романскиот басист Андреј Миклеа (25), истакна дека му е „голема чест“ што е во класот:
„Учиме од маестрата, но и едни од други. Имаме една изрека во оваа работа – „Од сите мора да крадеш“.
