AГЕНЦИЈАТА “STANDARD AND POOR’S” ГО ПОТВРДИ КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА МАКЕДОНИЈА ББ-/Б, СО СТАБИЛЕН ИЗГЛЕД

Вести Истакнато Македонија

Aгенцијата “Standard and Poor’s” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-/Б, со стабилен изглед. Според извештајот, политичката неизвесност е намалена со зајакнувањето на парламентарното мнозинство, што би требало да ја олесни имплементацијата на реформите. Извештајот нотира дека е направен напредок во неколку приоритети, истакнувајќи го подобрувањето на фискалната транспарентност. Исто така, се забележува напредокот во решавањето на спорот со Грција околу името. Притоа, Standard and Poor’s нотира дека постои неизвесност околу референдумот и понатамошната собраниска постапка, и дека евентуалниот неуспех би можел да резултира со нова политичка криза во Македонија. Од друга страна, успешното разрешување на проблемот со името би го отворил патот за преговори за членство во ЕУ и НАТО. Ова би имало долгорочни економски придобивки како резултат на имплементирањето на реформите во текот на преговорите, како и придобивки од подобрената доверба на инвеститорите и приливите на странски инвестиции.

Според извештајот, после стагнацијата во 2017 година, забележан е засилен економски раст од 3,1% во вториот квартал, и покрај падот на инвестициите, што укажува на силни перформанси во останатиот дел на економијата. Се очекува дека растот на среден рок ќе изнесува околу 3%, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. Понатаму, се очекува дека буџетскиот дефицит во 2018 година ќе биде во линија со таргетот на Владата од 2,7%. Standard and Poor’s го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст. Притоа, после подолг период на раст во минатото, се оценува дека во наредниот период долгот постепено ќе се стабилизира, и ќе изнесува 48,8% во 2021 година (државниот долг и долгот на ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски. (Целиот текст прочитајте тука)