Агенцијата за иселеништво на РС Македонија ја промовираше својата нова официјална интернет страна
Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија денеска во Клубот на пратеници ја промовираше новата официјална интернет страна на институцијата, наменета пред се’ за информирање на иселениците со секојдневните случувања во државата, како и со активностите на иселеничките организации ширум светот.
„Изработката на новата страна, воедно е со цел да се внесат новитети при информирањето на јавноста како во земјата така и во дијаспората. Покрај досегашните рубрики, преку кои јавноста беше информирна за активностите на нашите иселеници, во нивните матични земји, сега имаме можност, преку новите рубрики, да ја информираме дијаспората за активностите и актуелностите од општините од каде што потекнуваат самите иселеници, за новини од областа на спортот, културата и наставата на мајчин јазик“, велат од Агенцијата.
По изработката на новата веб страна на Агенцијата, за прв пат, иселениците и иселеничките организации, ќе имаат можност да учествуваат директно во креирањето на содржините, како нивен информатор, преку давање на можност за директни сугестии и предлози во однос на содржините.
„Тимот на Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија, останува посветен и отворен за соработка, предлози и сугестии од иселениците и иселеничките организации, преку кои ќе можеме да црпиме информации, кои ќе ни користат во градњето на активностите и политиките на делување на Агенцијата“, стои во соопштението на Агенцијата за иселеништво на РС Македонија.