|

„Ајде ако не, слави да прави“, судијката реагира што Зеќири си викнал дома доктор без судска дозвола, прати и психијатар за да му се утврди состојбата

Адвокатите на Мухамед Зеќири донесоа психијатар, кој е и вештак, за да образложи дека обвинетиот не е во добра психичка состојба поради што бараа одлагање на рочиштето. Докторот Александар Марцикиќ, пак, без судска дозвола, бил во домот на Зеќири, на што остро реагира судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска. Психијатарот посочи дека состојбата на обвинетиот не е добра, но тоа за судот не е потврда, туку само индиција дека здравјето му е нарушено. Судијката Јанчулева-Михаиловска нареди друго вешто лице да го посети Зеќири и да види каква му е состојбата, а откога доктор Марцикиќ рече дека од четири до шест недели обвинетиот нема да може да следи судења.

„Јас бев кај Мухамед Зеќири дома. Имав консултација по барање на неговиот адвокат. Прашав дали ми треба дозвола од судот, а тој рече дека има слободен пристап на луѓе од страна“, изјави доктор Марцикиќ, на што доби укажување од судијката: „Лицата во куќен притвор се под ист режим како лицата во притвор. Само притворот го издржуваат во домашен притвор. За секој медицински преглед се бара дозвола од судот. Ова е преглед од доктор психијатар, судот нема дозвола“.

На ова реагира Мирослав Вуиќ, адвокат на Зеќири.

„Има забрана за лица вклучени во предметот. Нема друга забрана. Ако му е потребна брзата помош, исто треба да се бара дозвола?“, праша адвокатот, на што судијката му одговори: „Техничкиот советник не е брза помош. Ве опоменувам во иднина за секоја идна потреба за посета од доктор во домашна посета да барате дозвола од судот. Судот треба да биде во тек со здравствената состојба на обвинетиот. Не можете да влегувате кога сакате во домот на обвинетиот. Ајде ако не, слави да прави“, реагира судијката.

По ова, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска бараше повеќе информации од доктор Александар Марцикиќ за состојбата на обвинетиот. Еден од адвокатите на Зеќири бараше да се исклучи јавноста, но судијката беше децидна дека новинарите ќе останат бидејќи мора да се знае зошто и кој ги одлага рочиштата.

„Ова што сум го напишал не е теорија. Сум го посетил, сум имал преглед. Мојот впечаток е дека е влезен во депресивна состојба. Има клинички скали за евалуацијата на депресијата. Мојот клинички впечаток е дека човекот е во афективна депресија. По начинот на кој одговара, по моториката. Теоријата ја користам за да кажам за какво нарушување се работи во однос на интензитетот“, појасни докторот.

„Колку би траела таа состојба?“, праша судијката, а докторот одговори: „Минимум период во кој треба да даде впечатливи терапевтски ефекти се 4-6 недели. Тоа и го наведов во извештајот од денот кога почнал да прима терапија“.

Судијката се интересира дали ќе треба болнички третман, на што од докторот што го прегледал Зеќири без судска дозвола одговори: „Може да се размислува и за болнички третман. Тој ме известува преку ‘Вибер’ дека сопругата е постојано покрај него. Индикација за болнички третман се јасни и евидентни самоубиствени идеи, тогаш се одредува болнички третман. Кај него имаме самообвинување, но не сум забележал дека има самоубиствени мисли и тенденции. Затоа не предложив болничко лекување“.

Докторот беше дециден дека за две недели, за кога е закажано ново рочиште за случајот, Зеќири нема да може да дојде.

„Со ваков наод, сметам дека обвинетиот не е во состојба активно да го следи рочиштето и да учествува во градењето на сопствената одбрана“, рече докторот.

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска издаде наредба друго вешто лице да го прегледа Зеќири и да ја утврди неговата здравствена состојба.

„Извештајот претставува само индиција за неговото психичко здравје. Судот ќе издаде наредба до вешто лице од областа на психијатријата за да даде мислење дали обвинетиот Зеќири може да присуствува и да го следи судењето со оглед на дијагнозата, а притоа да се цени и овој психијатриски извештај од доктор Марцикиќ. Се надевам дека ќе добиеме извештај до следното рочиште“, рече судијката.

Судењето се одложува вторпат по ред. Претходниот пат, кога полицајци тргнаа да го спроведат Зеќири, не успеаја. Ја известија судијката дека тој е во лоша здравствена состојба и дека е повикана брзата помош. Постоеше можност да биде задржан во болница, но, сепак, остана на домашно лекување.

Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка, избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра, кои завршиле во приватни фирми.

 



Слични Објави