Ајде да ги расчистиме односите со Бугарија-автопатот, пругата, смоките и чалгата можат да почекаат

//

Пишува: Маузер

Минатиот викенд беа избори во Бугарија и во голема мера очекувано победи „Промената продолжува“ на Кирил Петков и Асен Василев, дипломците од Харвард. Во Македонија во моментов има оптимизам како да е веќе решен спорот и Бугарија само што не капитулирала. Бучковски дури се дрзнува и да му го реди на Кирил Петков кабинетот и му кажува кој би требало да му е министер за надворешни работи. Сума сумaрум, македонската страна намириса слабост и решава повторно сите надежи да ги стави на тоа дека некој незаинтересиран економист од Бугарија ќе попушти во целост на Македонија.

Од каде пак е таквиот оптимизам кај македонската страна? Се разбира од самите изјави на Кирил Петков, кој најверојатно ќе биде идниот премиер на Бугарија. Петков кажа дека ќе има нов пристап кон Македонија и дека историјата нема да биде фокус.

„Имаме категоричен став што треба да се направи. Треба веднаш да направиме заеднички работни групи, но тие нема да бидат составени само од историчари, туку и со луѓе од бизнисот, од културата, од образованието, за да не зборуваме само за историја туку за се што може да придонесе за добробитта и за зајакнување на добрососедските односи.“

Навидум убав став, ќе развиваме бизнис, а историјата не толку важна. Да реалноста е дека Македонија и Бугарија треба да ја интензириваат економската врска и да ги подобра патните врски и врските во полето на енергетиката на пример. Но ми се чини некако дека господинот Петков е наивен и сеуште не се фатил во коштец со змијското гнездо на македонската политика и длабока држава.

Дали навистина господинот Петков мисли дека измислил топла вода и дека е првиот кој би се обидел да го пробие бугарскиот бизнис во Македонија? Зарем веќе немаме бугарски инвестиции и обратно македонски во Бугарија? Бугарија е веќе еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, додека Македонија и цела да се сврте кон Бугарија е толку мала што не би влегла никако во топ 5-6 трговски партнери на Бугарија. Зарем уште 50-100 милиони лева трговска размена и пруга ќе ги решат реално лошите односи помеѓу Македонците и Бугарите? Камо среќа да беше така лесно, но не е бидејќи како прво македонската страна редовнo ги опструира бугарските стратешки инвестиции во Македонија, а како второ доразвивањето на трговските врски нема ништо да постигне да го намали антибугаризмот во Македонија. Се додека просечниот Македонец верува дека Бугаринот му должи нешто, дека треба вечно да се покрие и да клекнува пред Македонецот како нешто пониско до тогаш бизнисот само ќе генерира една површна пристојност кај вклучените страни.



Дали повеќе бугарски смоки и чалга ќе го сменат лажниот историски наратив кој се шири во Македонија, а кој во својата основа е да биде чисто спротиставување на Бугарија и во кој Бугарија е најголемиот виновник ќе смени нешто?
Реалноста е дека во РСМ Бугарите мора да станат конечно фактор, да се дестигматизира декларирањето на бугарска етничка припадност и да се смени барем во еден дел македонскиот историски наратив кој предизвикува омараза и непријателство кон Бугарија и Бугарите. Како можете да зборувате за бизнис врски додека, реално мал број на луѓе, но сепак неколку илјади Бугари стравуваат да се кажат како Бугари и молчат со наведната глава секој ден? Каков бизнис ќе терате со луѓе кои ако им кажете дека имате дедо од Охрид ќе ви кажат дека сте јаничар со испран мозок? Ајде да ги расчистиме односите, пругата, автопатот и чалгата нема да ни избегаат. На крајот од краиштата ќе пуштите вие автопат до Ѓушево, а после тоа каде? Самата Македонија не покажува интерес да го развива коридорот 8 и не може се уште да го спои со било каков пристоен пат од Скопје до Охрид.

Тој антибугаризам е всаден со генерации и со децении спонзориран од државата. Да ги прашате во Македонија, сите ќе ви кажат дека имале баба или дедо што им кажувал како Бугарите биле многу лоши, а Германците многу добри. Сите ја повторуват папагалски истата приказна, а најтажно или смешно од се е што истата ја раскажуваат и луѓе чии баби и дедовци се од западна Македонија каде што Бугарин не ни стапнал. Многу пати сум се нашол на муабет со пријатели и познаници со потекло од крајниот запад на Македонија кои се колнат дека бабите и дедовците им кажувале за лошите Бугари и како страдале од нив.
Секогаш Германците се пристојните во сите тие приказни, Италијанците и Албанците ги нема, но вечниот злосторник се Бугарите. Сите го знаат масакрот во Ваташа за кој се испорачани и осудени сите злосторници, а германските масакри врз 267 цивили во источна Македонија во месец октомври 44-та за кој никој нема одговарано, никој не ги знае. Само во селото Бесвица се убиени 3 и пол пати повеќе луѓе отколку во Ваташа, а во тие настани се убиени 5 пати повеќе луѓе отколку во сите бугарски масакри заедно. Да не зборуваме за германските палења на селата во западна Македонија после капитулацијата на Италија и казнените експедции таму каде што речиси секое село во Дебарца има по некој стрелан и убиен. Ама повторно, Бугарите се тие лошите.

Таквите приказни се најтешки човек да им контрира. Од сите историски извори многу повеќе од јасно е дека се прераскажувани митови или лаги, но да му кажеш на човек дека баба или дедо го лажеле е многу тешка работа. И не сакам да ги кривам сега тие баби и дедовци. Тие си кажувале како што било прифатено и кажано дека треба да биде, а некој пат така и кажувале за да си ги заштитат децата. За тоа е виновна државата која што го ширела тој мит и ги спонзорирала лагите. И така доволно пати кажаната лага станува апсолутна вистина во која што мнозинството Македонци искрено верува и за нив Бугарите треба да останат гнасни фашистички окупатори. Некој пат пак, едноставно децата си прават филмови и ја извртуваат приказната на баба и дедо, но и тука пак е вината на македонското општество кое ништо нема направено за да се разобличат тие митови и да се каже вистината јасно и гласно.

И сега како ќе го премостите тој јаз и таа омраза која што е всадувана веќе 3 генерации со 2-3 инвестиции? Никако, се додека Македонија не си го смени односот кон своите граѓани со бугарско етничко сознание и не расчисти со извртувањата и фалсификациите на историјата.

Претходна статија

Српскиот владика Иринеј Буловиќ: Стара Србија се протега од Кајмакчалан до Словенија

Следна статија

Лорер: Датумот 14 декември е нереален како краен рок за решение на спорот меѓу Софија и Скопје

Најново од Истакнато