Албанците сакаат да бидат Македонци?!
Пишува: Владимир Перев
Повеќето од нас македонците имаме по некој пријател албанец, добро се познаваме, разменуваме мисли за политиката и нацијата и најчесто ги знаеме правците на нашите размисли. Тоа најмногу се однесува на оние кои работеле уште од порано во институции со мешан етнички состав. Меѓутоа, последните изјави на албанските лидери, од двата албански политички блока, претставуваат изненадување и за оние кои мислат дека ги познаваат албанските “политички размисли“.
Прво изненади Али Ахмети со изјавата дека “македонците треба да имаат добри односи со албанците, иначе ќе бидат проголтани од србите, бугарите и грците“. Модифицирана изјава која вообичаено ја кажуваат македонските “националисти“, само без поучителниот тон за “добрите односи со албанците“…таа позиција кај нив е апсолвирана, тие никогаш не сакале никакви, а камо ли добри односи со албанците, ниту на лично, ниту на семејно или професионално ниво. Сега Ахмети им нуди спас. Прашање е дали сакаат да бидат спасени, дали сакаат Ахмети да им биде спасителот! Најважното прашање е дали Ахмети сака да се спаси самиот.
Општопознат е митот за античкиот херој Тезеј, митот за неговите херојства и чудесии. Од сите тие, најпознат е митот кога Тезеј влегува во пештерата-Лавиринтот на злиот Минотаур и го убива. Пештерата е своевиден лавиринт од кој не може да се излезе. Затоа, саканата Аријадна, на Тезеј му дава едно клопче со конец, кое Тезеј ќе го распушта по патот по кој оди, за потоа, по пуштениот конец да се врати до излезот. Францускиот писател Андре Жид има друга теорија за тој мит. Тој, во својата новела тврди дека во Лавиринтот на Минотаурот било толку убаво, што сите кои таму влегле, опиени од прекрасните бои, вонземските музика и мириси, воопшто не сакале да се вратат назад, во земниот свет, па затоа биле лесен плен на Минотаурот. Тие просто немале желба да го убијат чудовиштето…заради тоа чудовиштето ги убивало нив. Затоа, Аријадна не му дала клопче конец на Тезеј, туку му дала дебела ортома со која го врзала, па откако го убил чудовиштето, таа насила го извлекла надвор од опојниот чудесен подземен свет…тој самиот не сакал да се врати.
Работите така стојат, македонците не сакаат да излезат од лавиринтот во кој се наоѓаат, не сакаат да излезат од своите ментални конструкции, засновани на приципите дека “сите не мразат, сите сакаат да не завладеат и да ни го променат етникумот“. Али Ахмети, победникот од војната во 2001 година, навлегува во менталниот склоп на победените, сфера во која ќе го примат со раширени раце, но прашањето е како ќе се извлече од “македонската“ прегратка.
Македонците не сакаат да бидат спасени. Тие веќе се во соживот со Белград, понизни се кон грците, а заедно и со едните и со другите, ги мразат бугарите. Тоа е прегратката во која, веројатно ненамерно, сака да влезе Ахмети.
ВЛЕН на Таравари е сосема друга приказна. Од почетокот на изборите, се тврдеше дека ќе коалицираат само при услов неодложно да се почне со пристапот на Македонија кон ЕУ. Се знае, за почеток треба македонските бугари да влезат во Уставот. Речено е дека ниту Мицкоски, ниту некој друг македонски лидер, ќе добие подобри преговарачки услови од тие кои се сега. Сега веќе од ВЛЕН се слушаат гласови дека “политичката нестабилност во Бугарија е причината зошто ВЛЕН не инсистира во првите шест месеци од новата влада, бугарите да бидат внесени во Уставот…нема стабилна влада и нема со кого да се преговара“.
Знае ли Фари Хисени за што говори. Личи како да говори некој македонски политички лик од ДПМНЕ, нешто како Мицкоски или некој од неговиот антураж…веќе со години ги слушаме тие изјави, ама никогаш од албански политичар.
За работите да бидат јасни, треба да се каже дека никој од македонските политичари, без разлика дали припаѓаат на македонскиот или албанскиот политички или национален блок, нема да има можност да преговара за ништо и со никого во Бугарија. Позициите кои Македонија треба да ги исполни се позиции на ЕУ и таму можат да се водат преговори…ако некој од европските политичари прифати макар и разговор. Далеку сме ние да преговараме за било што.
Владата треба да покаже резултати и добра волја за разрешување на, со години наталожените проблеми во нашата земја. Партиските соопштенија и таму изнесените ефтини надмудрување се само фрлање песок во очите на народот. Навредите кои партиските штабови си ги упатуваат, служат само да ја покажат целата трагедија на нашите луѓе, прекрасно презентирана пред целиот свет и пред Европа, со која “треба да преговараме“.
Албанските политички структури и албанскиот етникум воопшто, ја имаат заедничката ни одговорност за просперитетот на Македонија. Албанците дотолку повеќе што се покажаа како воени и политички победници во 2001 година.
Ако почнат да личат на нас македонците, победата ќе им се истопи како сладолед во лето…само малку, многу малку ќе ја почуствуваат нејзината сласт. Сите, и тие и ние, ќе останеме во српско-грчката прегратка, а омразата кон Бугарија ќе биде и нашиот modus vivendi и нашиот modus operandi…ете така, спасувањето се претвора во катастрофа!
Да се надеваме дека Ахмети и Таравари го имаат јажето на Аријадна…ние веќе одамна сме се откажале, убаво ни е во Лавиринтот на Минотаурот!


