Апологија на омразата
Facebook статус на Никица Корубин
Кога регулаторното тело за медиумскиот простор, избрано од страна на највисоката, законодавна власт во државата, ќе се произнесе јавно, тоа мора да значи дека некој(и) во медиумскиот простор сериозно ги нарушил правилата и го злоупотребил етерот, јавниот простор што го издава државата. Но не, нема потреба од радост, ова будење од “зимскиот сон”, во кој Агенцијата е заспана (со истечен мандат на цела управувачка структура), не значи дека почнале да постапуваат, туку дека продолжиле со “одбраната”. Одбраната на “целата јавност”, како што самите велат и особено со одбрана на “интересот на јавноста”. Уште да дефинираме што е тоа “јавност” и особено што е “интерес” на таа јавност.
И не, не се тоа граѓаните зад кои сите се кријат, туку тоа е наративот, приказната, она во што граѓаните треба да веруваат. Да не кажам, “пропагандата” која на дневна основа им се сервира. Зачинета со доста манипулација, чиста лага и многу ксенофобија. Извртувањето и селектирањето на “вистината”, со редовни дози на суптилно и брутално ширење на чиста омраза, тешко дека може да се нарече “пренесување на информации” од страна на медиумите. Исто како што тешко може да се нарече новинарство, константното премолчување на теми, надвор од “видокругот, призмата и желбата” на партиската и пред се’ клановската “елита”. Речиси да наликува на чиста нарачка. Во која погодувате, “извршители” се медиумите, со етерот кој државата им го дала, да ја информираат јавноста. Само што тие наместо да ја информираат ја креираат “јавноста”.
И затоа не е чудна напрасната и итна реакција, на сите топтан, од еснавски новинарски здруженија, до регулаторното тело, во одбрана на наративот. А, таман почна најновата кампања за албанофобијата. И најновиот трик за замајување (а, не информирање) на јавноста, за потребите на клановите: споени претседателски со парламентарни избори. И во таа игра се вадат сите карти: со што ќе се плашат Македонците, ако не со Албанците?
И ако ви се чини дека ова е чист говор на омраза, кој само се прелева од антиалбанство во антибугарство и назад, се лажете. Ова е одбрана на говорот на омраза, не само несанкциониран, туку поттикнат, хранет и негуван. Со премолчување и игнорирање, со дозвола на сите, кои треба да го спречат. Оној кој непречено се шири секој ден, од различни фреквенции, доделени од државата, преку медиумите, кои сега “загрижено” реагираат на инстинктивната реакција на вицепремиер, кој на тој начин само го натера премиерот, да ги каже работите со вистинските зборови. Како што требаше и за многу други прашања.
А, за што е всушност грижата? Дека “смислената приказна” за “лошите Албанци” кои замислете “ќе владеат со државата” не смее да биде доведена во прашање? Кој е тој егзистенцијален “интерес” на граѓаните, изборите да бидат споени, па сите се “во служба”, на “измислување” (логични и нелогични) причини за тоа? “Интерес” на граѓаните ли е да се премолчуваат теми за тероризмот во соседството, со потенцијал сите да не’ дестабилизира? “Интерес” на граѓаните ли е антиевропската кампања и последиците од неа? “Интерес” на граѓаните ли се дневните партиски променади и вечерни кафе-муабети, што глумат информативни и дебатни емисии? За чиј интерес всушност, тука станува збор?
Очигледно говориме за скриени интереси кои продуцираат јавна омраза. Затоа што таа е најефикасен параван. За криење на вистинските намери. А, тие намери не’ засегаат сите нас. Далеку повеќе од лукративните интереси на партиите, но и формалната власт, која со години калкулира со свесно нефункционални регулатори и суштинско суспендирање на вистинската институционалност и поделба на власта. И затоа на вака поставената “јавност”, не и треба никаква дополнителна одбрана, од онаа што веќе ја има од сите страни. Одбрана ни треба нам, на граѓаните. Од “јавноста” која ни ја проектираат и нивната реалност во која сакаат да не’ заробат. Секој има право, но и обврска. Работите да ги каже со вистинските зборови. За правото на точно информирање зборувавме, зарем не?