МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ НЕМА КОРОНА ВИРУС, НО ОСТАНУВА ВО САМОИЗОЛАЦИЈА
Министерството за здравство информира дека резултатот од тестирањето за КОВИД-19 на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче е негативен.
Според проценката на епидемиолозите, министерот Филипче не e во ризик, но сепак тој одлучил да остане во самоизолација.
„Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена.
Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата и така ќе биде и во наредната недела.
Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје“, изјави министерот Филипче.

