Албанија-Гора, запреното време
Пишува: Владимир Перев
Подвиг е да се посети областа Гора во Албанија. Пред сѐ, треба да се има солидно возило, а неопходна е помошта на локалците, за да ве упатат во вистинскиот правец. Во овој период на годината, посетителот се среќава со расцветани ливади и изобилие на растенија со неверојатни опојни мириси. Воздухот е чист, повремено врне дожд, но ништо не може да го расипе доживувањето на убавината на пределот.
Албанската Гора има деветнаесет села, од нив девет се самопрепознаваат како бугарски, а има околу 10 илјади жители само во бугарските села. Сите горани заедно се околу 30 илјади низ Албанија, Турција и други земји, а ги има и христијани-повратници во христијанството, кои се иселиле во Бугарија.

Да се патува до Гора, прво треба да се оди во Кукс. Таму се среќаваме со Ахмет Бала, председател на Друштвото бугарите во Албанија, од Елбасан. Тој е одовде и чека да може да отвори канцеларија во Кукс, која ќе биде надлежна за регионот, за селата Шиштавец и Борја.
Има завршено Факултет за безбедност, сега се занимава само со Друштвото на бугарите. Работи сопствен бизнис, прави фабрика за стандардизирање на маслиновото масло.
Тука е и Ајдар Исмаили, шегаџија со вечна насмевка на лицето. Тој е претседател на Управниот совет на друштвото на бугарите. Има неколку бизниси, фабрика за пелети од коски од маслинки, три ресторани на море, концесија за плажи и други бизниси. Во начело, друштвата на бугарите во Албанија се издржуваат од приватните бизниси на членовите.
Најмладиот е Вулнет Влачај, заменик председател на друштвото “Наша Гора“, завршил општа економика во УНСС во Софија.
Високо во планините, селото Шиштевец е основниот пункт на Гора. Селото е вклучено во Програмата “Сто села“ на владата на Албанија, па се предвидува во близина на селото да биде изграден ски центар. Во општина Кукес сите знаат дека има бугарско малцинство, така што нема никакви проблеми во функционирањето на бугарските друштва, бугарската амбасада и општината. Членови на здруженијата се и членови на општинските тела, а администраторите на селата се од бугарското малцинство. Председателот на општинскиот совет е бугарин. Бугарската држава со раководството на градот има одлични односи. Преку проект на Бугарија, реновирана е една детска градинка во Кукс, а проектот е реализиран со средства на европските фондови за развој, по програмата за развој на малите општини.


Постои и идеја за неделно училиште во Кукс, гораните ќе поднесат кандидатура при бугарското министерството за образование. Заради тоа веќе се набележани десет учители, кои ќе се упатат во Бугарија да магистрираат и да добијат лиценци за преподавање на бугарски јазик во Гора.
Во реонот Гора во албанската страна никогаш немало посети од Македонија, има целосна незаинтересиранот. Има пропаганда, но вербална, на самото место не дошол никој до сега.
Шиштавец и Борја се најголемите и најуредените села во Гора, другите се несредени и нема патишта по кои нормално може да се вози кола и да се стигне до таму.
Ахмет Бала вели дека во Гора проблем се комуникациите, патиштата најмногу. Телевизија и телефонски сигнали има редовно, струја има редовно. Може би и заради тоа, зоната на Гора е специфична за Албанија. Таму е сочувана горанската култура, тие се фанатични по пазењето на сопствената култура, но сепак си го препознаваат бугарскиот етникум. Држат на тоа дека се нешто самостојно, специфично, нешто “наше“, се држат како “нашинци“ и покрај препознаениот бугарски етникум, држат на тоа дека сепак се нешто различно од “сите други на Балканот“. Јазичната форма им е аналитична, без падежни форми и со лесни примеси на албнизми и архаизми кои веќе ретко се слушаат и низ Македонија и Бугарија.
Друштвото на Ахмет Бала има идеја да направи голем културен центар во Шиштевец, проектот чини милион евра, таму треба да има и музеј, изложби, неделно училиште, претежно за бугарското малцинство во Гора и Албанија воопшто. Засега има само проект, но усилено се работи на неговата реализација.
Децата се богатството на Гора и грижите за нив се големи. Децата од Шиштевец и Борје учат заедно, во училиштето во Борје. порано пешачеле од едното до другото село низ планинските врлети. Бугарската држава им подарила автобус, па сега одат со автобусот по десет километри до училиштето и пак десет километри назад, секој ден. Автобусот бил сопственост на Здружението на бугарите, но го презела општината Кукс, со добра намера да ги плаќа сметките за гориво, гуми, возач и ремонти, нешто што е нужно за одржувањето. Тој систем сега за сега функционира одлично. Општо земено, во Гора има 740 деца кои добиваат редовно подароци.

Селото Шиштевец е на 1335 метри надморска висима, има 505 жители, а некогаш, во 1990 година биле 2130. Од Шиштевец е и Арбен Кинџи, генерал, началник на штабот армијата на Албанија. На средсело може да се види една полуизбришана парола на албански, нешто како “да живее марксизмот и ленинизмот“, избришана од непогодите на времето. Ниту некогаш, ниту сега, некој сериозно се замислил за неа.

Животот овде течел по поинакви патишта. Пред селската крчма не пречекува Муса Кинџи, чичкото на Арбен Кинџи. Разговараме, стариот Муса добро ја познава историјата на Гора. Разочарано ни вели дека сега има малку луѓе за работа, а ученици се околу 130-140 деца. Овде, вели Муса, сите знаеме дека сме бугари, ама сентиментот не влечи кон вас македонците, ми се обраќа. Близок ни е јазикот, вели, а и гораните сме во Косово и Македонија. Македонците како луѓе се подобри, помирни од бугарите. Од страна на македонските горани, никој не дошол овде, немаат што да бараат овде. Со бугарите иначе, добро се разбираме, ама споро врват работите за државјанство. Ние овде сакаме да имаме документи. Јас ти велам, нема да одам никаде, само сакам да се самопрепознаам како бугарин. Не ми треба пасош, не сакам да патувам, сакам само легитимитет како бугарин. Би сакале овде да има на два-три саати неделно училиште, за децата да се образуваат на јазикот кој го говорат.

Треба да се одбележи дека во албанската гора, децата до својата седма година говорат исклучиво “по наше“, некој би рекол горански, но всушност се работи за архаична форма на бугарскиот јазик, сочувана со сета своја чистота во овие врлетни предели.
Муса ја продолжува својата приказна. Ова население овде, дојдено е од Пиринскиот крај, некаде околу 1823-27 година, а према преданијата ги има дојдени и во 1100 година исто така од Пиринско, па затоа и сме поблиски со македонците. Кога дошле се спуштиле во Љума, која тогаш се викала Радовина. После сме се качиле овде горе. Ние горанците сме меки луѓе, тешко им врвел животот со албанците доле, во равницата. Овие овде, горниве албанци, порано се викале муамедани, но станале албанци во 1924 година…треба да се знае, порано сите ние и тие, сме биле богомили.
Си заминуваме. не испраќа Муса со неколку селани…не испраќа и полуизбришаната парола за бесмртноста на нашите заблуди…
Брзаме кон Борје, а дождот лие како во романите на Маркес, како да треба да очекуваме планински потоп. Селаните се мирни, знаат дека летните дождови, иако се бурни, кратко траат. Во Борје не пречекува директорот на училиштето Неврус Мехмети, писател, поет, публицист и сликар. Говори одлично “по наше“! Своерачно го исликал целото училиште и тоа е неговиот придонес кон општото дело. Училиштето во Борје е целосно реновирано. сменети прозорците и целата дограма, донесени грејни тела на дрва за училниците, компјутери за децата, скенери и други потреби. Проектот е реализиран од Друштвото на бугарите во Албанија, а средствата се целосно обезбедени од бугарската држава. Дел од компјутерската опрема е донација на неколку бугарски парламентарци.




Младите во Борје и Шиштевец сакаат да скијаат, нешто кое е и традиција во тој планински крај. Затоа бугарската амбасада во Тирана, во содејствие на ФИБАНК, подарува седумдесет комплети ски опрема за ски клубовите во Борје и Шиштевец. Затоа тука има најдобри скијачи, некои ги има и во националната репрезентација.
Одговорен за Бугарското друштво во Борје е Фатос Сулјмани, кој сака да формира и неделно училиште, кое ќе биде сместено во негов објект. Фатос е позната личност, има назив на “народен лечител“. Тврди дека лечи психички болести, парализа, депресија и слично. Лечи со биоенергија, а најголемата специјалност му се духовните проблеми. Учтиво се смешкам на неговите објаснувања, за подоцна ми кажат дека бил повикуван во болници во Германија, Австрија и Италија да лечи со биоенергија и дека секојдневно некој доаѓа и патува низ врлетите на Гора, за да стигне до Борје, кај Сулејмани и да биде лечен. Велат, имало ефект. Може и да е така, не знам…
Знам само дека минавме еден ден во друга временска димензија, во мир, тишина и места каде никој никаде не брза, каде секој знае што ќе се случи и секој го живее својот живот, онака како што го живееле неговите претци пред стотини години
Брзам накај Тирана, сакам да излезам од “запреното време“!

