Албанскиот премиер предлага министерство управувано од вештачка интелигенција
Албанскиот премиер Еди Рама изненади со предлог за формирање министерство целосно управувано од вештачка интелигенција, кое, според него, би било „најефикасниот иден член на владата“ и би спречило непотизам и судири на интереси.
Веќе сега Албанија користи алгоритми за следење јавни набавки, откривање неправилности во даночни и царински постапки, како и надзор со дронови и сателити за сузбивање нелегална градба и канабис-плантажи. Планирана е и примена на технологија за препознавање лица за автоматско санкционирање сообраќајни прекршоци.
Преку платформата „е-Албанија“, 95% од државните услуги се достапни онлајн, а виртуелен јавен службеник со вештачка интелигенција им помага на граѓаните при поднесување даночни пријави, добивање изводи и аплицирање за дозволи. Од нејзиното воведување се реализирани околу 49 милиони трансакции, што, според владата, заштедило над 600 милиони евра.
Рама најави и целосно преминување на дигитални плаќања и укинување на готовината до 2030 година, иако платформата беше цел на сајбер напади од Иран, а постарите граѓани имаа потешкотии со користењето.
Иако властите велат дека дигитализацијата ќе ја зајакне борбата против корупцијата, критичарите предупредуваат на ризик од масовен надзор и нарушување на приватноста.
Премиерот и претходно привлекувал внимание со радикални мерки – од рушење дивоградби со динамит, до ригорозни казни за подметнувачи на пожари, кои тој ги изедначи со убијци, откако ова лето во земјата беа изгорени околу 34.000 хектари шума.
