Алиу: Преку нови 12 закони до посилен и поефикасен здравствен систем
Во организација на Министерството за здравство, денеска во Клубот на пратеници се одржа јавна презентација на 12 закони од областа на здравството. Настанот беше посветен на размена на мислења, предлози и препораки со стручната јавност, со цел унапредување на законската рамка и здравствениот систем во целина.
Министерот за здравство, Фатмир Алиу, истакна дека процесот на подготовка на измените и дополнувањата на законите започнал во рамките на Министерството, преку формирање работни групи.
„Само преку транспарентност и отворена дискусија можеме да стигнеме до најдобрите решенија. Целта е создавање законска рамка која ќе обезбеди поквалитетни здравствени услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите“, нагласи министерот.
Реформите опфаќаат системско преосмислување на 12 закони што се однесуваат на различни сегменти од здравството – од евиденции, осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје – со цел нивно поврзување и поефикасно функционирање како единствен систем.
„Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има јасна логика и одговорност. Ги повикувам сите чинители активно да се вклучат во процесот за заедно да ја подобриме легислативата и состојбите во здравството“, порача министерот Алиу.