| |

Алтернативна реалност

Facebook статус на Никица Корубин

“Заробениот” медиумски простор како основа за пропаганден или фингиран наратив е основата за “успехот” на алтернативната реалност, во која за сега медиумски, а со желба тоа да биде и политички, не’ држи нашата партиска и клановска “елита”. И токму улогата на медиумите во сите облици и форми, доброволно или принудно (само)цензурирани, никогаш соодветно не е вреднувана и критикувана, на ниво на критиката што ја добива политиката.

Па, сами себе ли ќе се критикуваат, а особено кога предметот на критика е нивната сопствена улога во (п)одржувањето на контролиран и манипулативен пристап до реалните информации. Вистината кај нас е најскапоцениот ресурс до кој тешко се стигнува.

А, кога нема вистина, нема ни чувство за реалноста која постои надвор од конструктот – базиран на фобија и омраза кој ни’ се презентира како вистина, на дневна основа. И во таква ситуација на “реалност која постои и отсуство на свеста за неа”, лесно се гради било каков партиско/политички наратив: за наводната загрозеност на идентитетот, за наводната историска вистина, за наводниот бугарски диктат, за наводната ЕУ алтернатива, и за реалната позиција на државата.

Без бланко медиумската поддршка, која кај нас функционира како отворена платформа за пласирање на секакви (непроверени) информации, во распон од паушалност преку манипулација до чиста лага; партијата/партократијата е практично непостоечка категорија. Без сопствената пропагандна платформа, таа ја нема идејата, силата и вештината на креирање на политика en general и политика во било кој дел од општеството. И без менторот или менторите, се разбира.

Видливо особено деновиве, кога кулминира “тројната фобија” во оската Грција/Бугарија/Албанците на скандализирање/замрзнување/проблематизирање на односите, внатре во општеството или надвор кон соседите и гарантите на евроинтеграциите на Северна Македонија.

Па, всушност говорот на омраза кој непречено се шири и фаворизира низ партиско/клановско/медиумскиот простор, во законски регулиран и никогаш санкциониран јавен етер; е да факто акт на омраза кој директно влијае врз дезинформирањето на граѓаните како основа за одлуките што ги носат: лични и политички. Нема демократско општество без демократска свест. А, нема демократска свест со ограничен пристап до вистината. Која пак доаѓа преку објективно и базирано на факти информирање.

И кога сме веќе кај “фактите” и стравот од истите, без разлика дали тие доаѓаат во форма на “историја базирана на факти”, “економски опстанок на државата, ЕУ и САД ориентирана базирано на факти”, “политичка извесност и функционалност, базирана на факти”, “членство во ЕУ и реформите кои следат, базирано на факти”, “членство во НАТО и обврските кои од тоа произлегуваат, базирано на факти”; кои се фактите за наводната алтернативна реалност кон која се цели, невешто појавно замаскирана со фразите и флоскулите за заложбите за евроинтеграциите на Северна Македонија?

Кои се фактите на власта? За идентитетот на пример во алтернативната реалност, надвор од системот на ЕУ? Заштитен ли е македонскиот идентитет, таму некаде во некоја алтернативна реалност? Кои се фактите на опозицијата? За албанофобијата и бугарофобијата на пример, во алтернативната реалност во која не’ носи власта? Комотни ли се во оваа алтернативна реалност на константна фобија и омраза, па никако да се реферираат на неа, а не пак да ја осудат? Со кои факти се спротиставуваат, кои одлуки ги бранат и која политика ја креираат?

Затоа што во спротивно, алтернативната реалност ќе стане реалност. Во наше присуство и со или без наша свест. Ама, таа реалност не само што нема да биде базирана на факти и вистина, туку нема да биде базирана ниту на правила и стандарди. А, најмалку на функционален систем, на демократска и граѓанска држава, како што уставно сме дефинирани сега. И токму затоа ЕУ нема алтернатива. Затоа што алтерантивната реалност е всушност недефиниран, ксенофобичен, манипулативен простор. Без вистина и без правила.

Па, белким нашата држава не е (и не треба да стане) недефинирана, манипулативна и ксенофобична територија? Туку, таа е општество на слободни граѓани со сопствени права. Кои тоа можат да бидат, особено во оваа геополитичка реалност, само во политички, економски и демократски сојуз, каква што е Европската унија. И тоа се фактите. Да не ги слушнал некој “фактите” на “алтернативната реалност”? Онаа која тоа не е.

Слични Објави