АЛУШОВСКИ: ПОРТО Е ФАВОРИТ, А НИЕ СЕ ОБИДУВАМЕ ДА НЕ МИСЛИМЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ!

По супериорната победа над Мотор Запорожје, ракометарите на Вардар ќе се обидат да се надоврзат на успехот и да донесат бод(ови) од Порто, на последното гостување од групната фаза во ЛШ.

Тешко ќе беше за верување на почетокот на сезоната да кажевме дека актуелниот европски шампион ќе отпатува како аустајдер на гости кај тимот од седмиот „шешир“ во групата. За жал, такви се состојбите пред мечот Порто – Вардар, в сабота од 16 часот, не крие ни тренерот на црвено-црните, Стевче Алушовски, признавајќи дека Португалците се фаворити.

Доброто кај Вардар е живнатата атмосфера, по триумфот на Мотор, но и понатаму тежи неизвесното утре, како намалениот фонд играчи.

„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата вo тимот. Сепак, не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и, секако, да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот”, вели Стефче Алушовски, тренерот на Вардар“, вели Алушовски.

Вардарци отпатуваа за Порто уште денеска, поради незгодните конекции до Португалија. Во мечот ќе влезат како петтопласирани во групата Б, со 11 бода, еден повеќе од Порто. И двете екипи се сигурни осминафиналисти, но се борат за позиција повеќе, поради, условно, полесни противници во нокаут-фазата. Тимот е истиот оној кој го доби Мотор со 38-28. На првиот меч, во септември, Вардар славеше со 32-27 во Скопје, но оттогаш ги нема Криштопанс, Атман, кои си заминаа и Дисингер, кој е повреден.

Извор: Спорт1

Слични Објави