Амбасадорот Мертен: Драго ни е што Бугарија е дел од трансатлантското партнерство
Во Министерството за надворешни работи на Бугарија се одржа свеченост за валидација на јубилејна поштенска марка, посветена на 120-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Бугарија и САД, јавува БГНЕС.
Министерката за надворешни работи Марија Габриел ја валидираше јубилејната марка заедно со министерот за транспорт и врски на Бугарија Георги Гвоздејков и вонредниот и ополномоштен амбасадор на САД во Бугарија Кенет Мертен.
Неговата екселенција Кенет Мертен истакна дека денот бил многу посебен:
„До денес остануваме горди и благодарни што ја имаме Бугарија за партнер, сојузник и пријател. Партнерството на САД и Европа е од трансатлантско значење и мило ми е што Бугарија е дел од него“.
Тој нагласи дека настанот е симбол не само на минатото, туку и на заедничката иднина.
Марија Габриел потсети дека на 19 септември, пред 120 години, Џон Џексон му ги предал акредитивните писма на бугарскиот кнез Фердинанд.
„Поштенската марка доловува извонреден момент во нашата историја. Тоа е симбол на односите меѓу нашите земји и носи порака за пријателство и партнерство“, рече Габриел, додавајќи:
„Ги надминавме испитите за да бидеме заедно и да изградиме попросперитетен свет. Ова е потврда за нашето цврсто пријателство и неговото градење во корист на нашите два народа“.



Министерот Гвоздејков од своја страна изјави: „Марката разкажува за нешто повеќе од 120 години. Насликаните знамиња на двете земји јасно ја покажуваат слободата и демократијата“.
„Марката е порака за разбирање, мир и демократија. Ние сме пријатели и си веруваме“, додаде Гвоздејков.
Настанот беше дел од календарот на прослави по повод годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Дизајнот на поштенската марка е подготвен од Бугарската пошта и Министерството за транспорт.