|

„Америка ќе биде покрај Израел“ – Бајден пред Нетанјаху ја потврди поддршката

Американскиот претседател, Џо Бајден, денеска, во Тел Авив изјави дека САД ќе продолжат да стојат покрај Израел додека земјата работи на одбрана на својот народ.

„Ќе продолжиме да работиме со вас и со партнерите од целиот регион за да спречиме повеќе трагедии за невините цивили“, им рекол Бајден на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на членовите на воениот кабинет, пишува Си-ен-ен.

Американскиот претседател нагласи дека нападот на палестинската милитантна група Хамас врз Израел е „брутален, нехуман и речиси неверојатен“.

Пред средбата Бајден ја пофали израелската влада дека дејствува обединето потсетувајќи дека основачите на Израел рекоа дека државата ќе се заснова на „слобода, правда и мир“.

„Додека Израел се обидува да ги минимизира цивилните жртви, Хамас се обидува да ги максимизира“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во соопштението за печатот пред средбата со Бајден.

„Хамас сака да убие што е можно повеќе Израелци и не се грижи за животите на Палестинците“, истакна Нетанјаху, објави „Тајмс оф Израел“.

„Тие прават двојно воено злосторство секој ден – ги таргетираат нашите цивили додека се кријат зад сопствените цивили, се кријат меѓу цивилното население и ги користат како жив штит“, рече Нетанјаху.

Според него, Хамас е одговорен и треба да одговара за сите цивилни жртви.

„Вчера ја видовме цената на ова страшно воено злосторство кога ракета на палестински терорист беше погрешно лансирана и падна врз палестинска болница. Целиот свет со право се налути, но гневот треба да биде насочен не кон Израел, туку кон терористите“, изјави Нетанјаху.

Нетанјаху вети дека Израел ќе продолжи да се грижи за цивилното население и ќе соработува со САД за тоа.

Патот до победата ќе биде долг и тежок, заклучи Нетанјаху, додавајќи дека „обединет во целта и со длабоко чувство за правда… Израел ќе победи“.

 

Слични Објави