АМОНИУМ НИТРАТОТ НЕ Е ЕДИНСТВЕНОТО ОПАСНО НЕШТО ШТО СЕ ЧУВА ВО МАГАЦИНИ НИЗ СВЕТОТ

Експлозијата во Бејрут ги натера властите ширум светот да размислат дали на нивна територија не се чува небезбеден амониум нитрат. Но, трагедијата потсети за уште една работа, а имено дека амониум нитратот не е единствената експлозивна супстанција што може да доведе до такви последици. Во Филипините, Украина, Гвинеја-Бисао, Грузија и Либија има јами полни со муниција стари десетици години, останати од минатите и сегашните конфликти. Некои од нив се наоѓаат блиску до станбени области.

Според студија на швајцарската агенција Small Arms од 1979 до август 2019 година, речиси 30.000 луѓе од 101 земји на светот загинале или биле повредени во експлозии на муниција. Дури 606 од инцидентите се случиле во државни магацини. Една од најголемите трагедии се случи во Бразавил, Република Конго, во 2012 година, кога во експлозија на муниција загинаа 500 луѓе.

Сајмон Конвеј, директор на британската добротворна организација Halo Trust, вели дека првиот чекор што треба да се преземе е владите да сфатат дека овие складишта за оружје се опасни. „Тие складишта не се сметаат за проблем додека не експлодираат“, вели Конвеј. Вториот чекор е оваа муниција да биде преместена подалеку од станбените објекти и да биде уништена.

„Честопати овие складишта се слабо заштитени и е многу лесно дел од оваа муниција да исчезне, а потоа супстанциите од нив да се појават во импровизирани експлозивни направи“, предупредува Конвеј.

Па, после Бејрут, каде на друго место луѓето живеат до „бомби“ кои за среќа уште не се активирале?

Филипини

На остров полн со змии во заливот Манила се наоѓа бункер, каде што е складирана американска муниција од Втората светска војна. ‘Рѓосани гранати, подводни бомби, минофрлачки бомби и други гранати го поплавуваат подот на бункерот. Гајби со други експлозиви и барут се наредени една врз друга и стигнуваат до таванот.

Според The ​​Halo Trust на островот Кабало, има 1,6 милиони експлозиви, доволна количина за да го уништи аеродромот во Корегидор и им наштети на бродовите во заливот Манила.

Конвеј, кој извршил увид на местото со филипинската војска, вели дека таму има и две бараки со 200.000 парчиња противвоздушна муниција.

„Ако овие бараки експлодираат, тоа дефинитивно ќе го погоди блискиот аеродром“, вели Конвеј.

Постојат и други места полни со муниција од Втората светска војна во база во близина на главниот град Манила. Таму, старата муниција е складирана во опасна близина на современите артилериски кругови.

Но, хоророт во Бејрут не помина незабележано од филипинските власти. За неколку дена, морнарицата на земјата ја контактираше Halo Trust за да се консултира кој е најдобриот начин за решавање на проблемот со оваа муниција.

Гвинеја Бисао

Најзагрижувачка е состојбата во западноафриканската земја Гвинеја-Бисао, каде огромна количина советски бомби се чуваат во близина на населени места. Овие бомби датираат од 50-тите години на минатиот век. Експертите велат дека тие се крајно нестабилни. Тие се наоѓаат во близина на вториот по големина град во земјата – Бафата, чие население е над 22 илјади луѓе.

Различни организации преговараат за уништување на муницијата од 2005 година, но локалната самоуправа го забавува процесот. Според The ​​Halo Trust, веќе се најдени побезбедни депонии, но досега ништо не е уништено.

Либија

Земјата е преплавена од оружје уште од револуцијата во 2011 година, кога беше соборен режимот на Муамар Гадафи. Според бројките на ОН, таму има речиси 200 000 парчиња нерегистрирана муниција која не е под контролата на либиската влада. Тие лесно се транспортираат во други земји.

На 6 мај годинава се случи експлозија во складиште за муниција пред градот Мисрата. Бомби, гранати и ракети продолжуваат со денови да експлодираат, расејувајќи шрапнели на долги растојанија, убивајќи непознат број на луѓе. Едно од најголемите складишта со оружје, од ерата на Гадафи, се наоѓа во близината на градот Мизда, чие население брои повеќе од 20.000 луѓе.

Украина

Како и во многу други поранешни советски републики, во Украина исто така има останати огромни количини муниција од времето кога земјата беше дел од СССР. Во 2017 година, два големи магацини експлодираа. Прво експлоадираше огромен магацин во источна Украина, полн со проектили и артилериски гранати. Експлозијата предизвика евакуација на повеќе од 20.000 луѓе. Подоцна истата година експлодира и друг магацин, а во самата експлозија беа уништени 32.000 тони муниција.

Казахстан и Узбекистан исто така се погодени од непланирани експлозии во стари складишта со муниција.

Грузија

Во 2017 година, експлозија во магацин во Абхазија, во близина на Црното Море уништи речиси 2.000 тони муниција и повторно испушти гранати во воздухот, кои паднаа на 12 км од местото на инцидентот. Оттогаш, Halo Trust се обидува да ја расчисти областа. Волонтерите на организацијата уништиле речиси 90.000 муниција, но една третина од погодената област е сè уште не е безбедна.